Дали Џо Бајден е нацист? Ова го прашувам само затоа што тој ги прави истите работи што ги правеше неговиот претходник во Белата куќа, а тој постојано беше нарекуван нацист.
Ви текнува кога администрацијата на Доналд Трамп во кафези затвораше деца кои нелегално ја минале границата со Мексико? Тоа буквално беше фашизам. Овие центри за притвор преполни со деца беа „концентрациони кампови“ изјави Александрија Оказио-Кортез. Трамп го враќа светот во 1930-те, рече забревтаниот писар од Гардијан.
Или кога Трамп тогаш фрлаше бомби врз Блискиот Исток? Тој беше обележан како излуден предизвикувач на војни. Ни беше речено дека ова е доминантната логика на неговата алт-десничарска наклонетост. Тоа што неговата администрација ги таргетираше иранските сили - и посебно највисокиот ирански воен командант, Касим Сулејмани, убиен минатиот јануари од американска бомба - беше претставено од некои левичари и либерали како доказ за лудилото до кое стигнал Трампизмот. На Твитер тренд беше #WorldWar3. „Може ли оваа тензија меѓу САД и Иран да предизвика Трета светска војна?“ прашуваше еден наслов. Трамп секогаш или ги отелотворуваше злата на Втората светска војна или го туркаше човештвото кон трета.
А кога е во прашање неговото покажување сила кон печатот - за новинарите ова посебно беше јасен доказ за неговите фашистички тенденции. Исмејувањето на Си-ен-ен и Њујорк тајмс од страна на Трамп - кои често пати ги прогласуваше за „лажни вести“ - наводно беше директно како од Германија од 1930-те. (Ако некој може да извади снимка од германски новинари како во лице го прашуваат или исмеваат Фирерот на неговите дневни прес-конференции, многу би сакал да го погледнам тоа.) Војната на зборови на Трамп против „лажните вести,“ неговата неподнослива желба да се казни или цензурира печатот заради наводното промовирање на „дезинформации“ го направи него да биде буквално Хитлер. Хитлер исто така ја користеше „идејата за Lügenpresse (лажни вести) за да ги напаѓа новинарите,“ официјално нè информираше професорот од Јеил, Тимоти Снајдер.
А сега? Па сега, Бајден и дел од неговите врвни советници и симпатизери го прават сето ова погоре наведено - ставање деца од Мексико во кафези, бомбардирање на Блискиот Исток, инсистирање фејк њуз медиумите да се стават под контрола - меѓутоа тоа изгледа повеќе не е фашизам! Тоа е нормална политика. Разумна политика. Не ли е фасцинантно тоа што политики можат да се претворат од буквален нацизам во стандард за постапување на американските власти во зависност од тоа која партија или човек ги одобрува?
Да, администрацијата на Бајден стварно ги прави сите погоре споменати работи. Младинците кои без придружба ќе ја минат границата со Мексико навистина се затворани. Деца на возраст од 13 до 17 години се зад решетки. Кон крајот на февруари администрацијата на Бајден повторно ги отвори центрите за притвор на деца имигранти и во Тексас и во Флорида. Ќе запрашате „деца во кафези?“ Секако дека не. Сега тие се младинци во „објекти за прелевање“.
Ова е јазикот што се користи. Се заврши со Си-ен-ен стилот на пишување за „деца во кафези“ и оние наместени слики од АОК како липта пред „концентрационите кампови“ и оние обемни едиторијали за тоа како ставањето деца мигранти во кампови „наликува на 1930-те“, итн, итн. Сега се зборува за „објекти за прелевање“ направени за да им „помогнат“ на младинците кои доаѓаат без придружба. Ова не се измислува.
Њујоршкиот градоначалник од демократите, Бил де Блазио го опиша објектот во Флорида како „затворски камп“ во времето кога администрацијата на Трамп таму ги сместуваше младинците што влегуваат во земјата без придружба. Тој не кажа ниту збор откако истиот објект беше повторно отворен од администрацијата на Бајден со иста цел. Изгледа како тој воопшто да нема никакви принципи.
И не паѓајте на тврдењата од самопрогласените проверувачи на факти - оние монаси на денешницата кои сакаат да се гледаат себеси како чувари на вистината - кои тврдат дека има огромна разлика меѓу она што Трамп го правеше на границата и тоа што Бајден го прави. Администрацијата на Трамп ги одвојуваше децата од нивните родители, а и ги затвораше децата што доаѓа без придружба, додека Бајден го прави само второто, па затоа глас да не сте пуштиле. Тоа е нивната порака. Тоа е толку неуверливо. Растроено фуриозното експлоатирање на 1930-те за секоја постапка на администрацијата на Трамп на границата не се однесуваше само на разделувањето на семејствата, туку и за секое едно затворање на млади лица. Тоа се однесуваше на самите „затворски кампови“, како што Де Блазио, АОК и илјадници други новинари низ липтање ги нарекуваа. И сега истите овие луѓе не велат ништо, или климаат кога ќе се спомне дека е во ред да се ставаат деца во „објекти за прелевање“. Тоа се фактите.
Минатата недела Бајден бомбардираше про-ирански сили во Сирија. Најмалку 22 лица беа убиени. Трета светска војна? Јок. Ова беше фин воен напад, од оние пристојните на Демократите. „Многу е поразлично да се имаат воени акции под Бајден,“ рече левичарската авторка Ејми Сискинд. „Без средношколски закани на Твитер. Верувајте во компетентноста на Бајден и неговиот тим.“ Американски претседател, чујте, во ред е да се убиваат странски државјани, само немојте да пишувате детски твитови за тоа, ок? Еден од он-лајн следбениците на Сискинд се согласи, „толку тивок напад“ ќе напише таа. Сепак претпоставувам дека и овој бил прилично гласен напад за бројните луѓе што ги уби и повреди.
Дури и наводно порадикалните луѓе се помеки кон Бајден откако ги фрли првите бомби. Тие не излегуваат на улица за да се кренат против злиот претседател кој потенцијално предизвикува Трета светска војна. Не, тие правеа мемиња кои велат „Треба да ми испратиш чекови за субвенции, не да го бомбардираш Блискиот Исток“. И ова е сумирање на нарцизмот, хипокризијата и лажниот анти-империјализам на левицата опседната со Трамп.
А тука е и нападот на Бајден лобито врз „лажните вести“. Тие буквално го прават ова - водат војна против лажниот печат, или Lügenpresse би рекол некој - и никој не прави галама околу тоа. АОК на Конгресот му кажува дека мора да ги стави во ред медиумите кои „истураат дезинформации и заблуди“. Тоа на претерано образуван јазик е терминот за „лажни вести“. Минатата недела двајца високи демократи - Ана Ешо и Џери Мекнирни - напишаа допис до сите големи кабелски компании во кои бараа објаснување зошто и понатаму пренесуваат програми на такви гнасни, лажливи медиуми како Фокс њуз.
Овие луѓе прават Трамп да личи на аматер кога е во прашање јавно прекорување на печатот. Секако, тој може лаеше навреди кон дописници на Си-ен-ен и твиташе навреди кон масовните медиуми. Меѓутоа некои демократи изгледаат решени да го укинат тоа што тие го сметаат за „лажни вести“, да ги гледаат овие наводни никавеци како се збришани од етерот. И сепак - знам дека веќе станува предвидливо - немаше никаква реакција, никој не зборуваше за 1930-те, немаше колумна на Тимоти Снајдер за Хитлер. Кога Трамп ги напаѓа „лажните медиуми“, тоа е фашизам, кога демократите го прават тоа, тоа е во ред.
Тоа е орвелската дволичност на светот во кој сега живееме. Политичкиот јазик, ќе каже Орвел, може да биде извртен „за лагите да звучат вистинито а убиството за почит“. Па така „децата во кафези“ сега се „младинци во објекти за прелевање“; а бомбите сега се „тивки“ и „компетентни“ наместо несмасни и опасни; а тоа што беше осудено како фашистички напад кога Трамп го правеше сега е препакувано во неопходно заради „зауздување на дезинформациите“ кога демократите го прават. Реалноста е пластелин за новите елити, нешто што тие мора да го оформат по свој вкус и интерес. Нивната лично-корисна неискреност и себе-возвишувачка пропаганда не смее да остане неоспорена.
Одговорот на прашањето поставено на почетокот од текстов е: не, секако дека Џо Бајден не е нацист. Меѓутоа не беше ни Трамп. Оние од нас кои како возрасни и пристапуваат на политиката знаат дека е погрешно сè да биде етикетирано како фашизам. Исто така знаеме дека е погрешно да се злоупотребува јазикот и вистината само за себеси се прикажете како „добрите“ дури и кога ги правите истите работи што ги направил „лошиот“.