Гледајќи наназад, лесно е да се видат докази дека Доналд Трамп и не сака стварно да служи втор мандат како претседател. За време на хаотичните тро-страни избори во 2020, Трамп на моменти изгледаше како набљудувач, засенет од бруталниот судир меѓу Елизабет Ворен, економскиот популист номиниран од Демократската партија, и нејзиниот милијардер ривал, Марк Зукерберг, основачот на Фејсбук и на центристичкото движење ОПеН! Трамп повторно воведе исмејувачки прекари за секој од нив: "Покахантас" за Ворен (референца за лажните обвинувања дека сенаторката тврдела дека има индијанско потекло за да обезбеди место како професор на Харвард), и "Доупи" и "Кумбаја бој" за Зукерберг (референца со презир кон либералните имиграциски политики на Зукерберг и неговиот пристап на "отворена платформа" базирана на "дигитално граѓанство"). Меѓутоа во најголем дел Трамп стоеше настрана и ги гледаше своите ривали како ја покажуваат длабоката и грда поделба меѓу центарот и левицата на американската политика.
До крајот на кампањата Ворен и Зукерберг повеќе не се согласуваа на ниту една тема, од глобализацијата и трговијата со Кина до нивниот поглед на помошта за расните малцинства во земјата и визите за образованите мигранти. На неверување на кандидатите, нивните најжестоки симпатизери разменуваа меѓусебни обвинувања за сексизам, анти-семитизам и расизам, а некои и обвинуваа за поттикнување на црнечко и латино непријателство кон сопругата на Зукерберг од азиско потекло, Присила Чен.
Сомнежите околу еланот на Трамп се засилија на денот на неговата втора инаугурација. Дури и лојалните поддржувачи беа затечени од свиснатиот лидер кој се појави на Капитол хил за својата инаугурација, откако победи со најмалиот удел од гласот на народот во историјата на Америка. Неговото обраќање не помогна многу, со неговиот несцениран, неповрзан дискурс околу бурата која само што мина, и како таа ја исплашила рекордната публика која инаку ќе се појавела и ги обврзала организаторите да ја преселат церемонијата на затворено. Ниту телевизиските гледачи можеа да не го забележат тензичниот однос меѓу Трамп и неговиот потпретседател, Мајк Пенс. Овој однос се уште не е заздравен од минатото лето кога Трамп најави дека може ќе избере нов партнер за претседателската трка за да ги подобри своите резултати на анкетите, започнувајќи гласини дека Џаред Кушнер, неговиот зет, веќе го подготвуваат за оваа улога.
Како што експертите ги анализираат првите месеци од вториот мандат на Трамп, почнува да се кристализира комплетната иронија на позицијата на претседателот. Сликата на човекот кој влезе во Белата куќа како обожуван аутсајдер, кој вети дека ќе го пресуши мочуриштето во Вашингтон и ќе започне трговска војна со Кина и Мексико, мина низ трансформација од 180 степени. Економијата и понатаму напредува, ама не заради храбри домашни реформи. Најголемиот напредок во економијата доаѓа од даночните олеснувања и од стабилен раст на места како Кина, Мексико и Канада (кампањата за ре-избор никогаш не се умори од повторување на "Да ја одржиме Америка голема"). Администрацијата на Трамп е професионална, сурово фокусирана на дерегулација, и таинствена. Претседателот ги делегираше најголемиот дел од своите секојдневни обврски на кадар составен од поранешни ЦЕО-а, банкари на Вол стрит и лобисти: "бароните крадци" како што Ворен ги нарекува. Прашај ги гласачите што мислат за Трамп, и зборот "досаден" често пати се појавува.
Противниците на Трамп некогаш веруваа дека руското мешање во изборите ќе биде неговиот крај. Откако руската истрага беше задушена од недостаток на докази употребливи на суд, и од колебањето меѓу републиканците да се кренат против својот претседател, демократите своите напади ги фокусираа на популистичките ветувања на претседателот. Меѓу нив беше "големиот убав ѕид", кој треба да е изграден на јужната граница и платен од Мексико. Тука беа и работните места во индустријата за ископување јаглен што тој вети дека ќе ги врати во Апалачија, или фабриките што тој вети дека ќе ги врати на Средниот Запад. Потоа беше здравствената заштита која тој вети дека ќе биде поевтина, подарежлива и ќе опфати повеќе луѓе отколку Обамакеар.
Трамп не одржа ниту едно од овие ветувања, меѓутоа и покрај тоа остана на власт. На неговите се поретки митинзи тој и понатаму зборува за изградба на ѕидот, меѓутоа брзо врти на поплаки околу "не-Американските" елити кои го попречуваат проектот. Да бидеме реални, планот има неколку пријатели. Конгресот никогаш не посакал да ги најде масовните финансии што се неопходни. Изградбата е заглавена во легални проблеми со сопствениците на земјиштето, чиј имот е неопходен за изградба на бариерата.
Многумина од 11 милиони странци во земјата без документи сега живеат во страв, бидејќи ризикуваат депортација од голем број од сојузните држави дури и ако направат прекршок како погрешно минување на улица. Во исто време, радикалите се откажаа од надежта дека Трамп ќе протера милиони мигранти. Бројката на депортација е порасната, меѓутоа систематското отстранување на оние што немаат легален статус изгледа како да е заглавено во нерешителноста на Трамп, кој на своите советници на еден неодамнешен состанок им кажува "Мораме да бидеме многу строги, но секогаш со срце".
Што се однесува на "енергетската револуција" на тимот Трамп, насочена кон подобрување на домашното производство на јаглен, нафта и гас, таа останува заглавена во судовите. До денешен ден, ова создаде повеќе работа за адвокатите и лобистите отколку за рударите. Луѓето назначени од Трамп ги укинаа правилата за управување со отпад од рудниците, загадување на водата и протекување на метан од гасоводите. Меѓутоа ова не вроди со голем број работни места за работниците. Иако производството порасна во механизираните рудници во Карпестите планини, тоа и понатаму продолжува да опаѓа во Западна Вирџинија, Кентаки и остатокот од Апалачија.
Ниту пак Трамп можеше да го одржи својот збор за укинување и заменување на Обамакеар со нешто што јавноста ќе го смета за "неверојатно". Нечовечката полу-замена што Конгресот се мачеше да ја изгласа - наречена "Трампкеар" од демократите - не го стабилизираше пазарот за осигурување како што вети. Трамп за збрката ги обвини осигурителните компании и конгресните републиканци.
Трампкеар нема речиси никакви шанси да биде подобрен од овој Конгрес. Блокирањето на Капитол хил само се влоши по изборите во 2018, кога демократите поразија повеќе од дузина умерени републиканци, и дојдоа на чекор од преземање на контрола врз Сенатот. Ослабената Републиканска партија беше оставена погневна и побескомпромисна.
Отпорот кон Трамп исто така помогна Демократската партија да сврти кон лево. Предводени од ликови како Ворен, прогресивните групи се заканија дека ќе бидат против кој било демократ што гласал со републиканците, дури и за предлози како (поскромен од очекуваното) инфраструктурен план на Трамп.
Секој месец што минува станува појасно дека противниците на Трамп извојувале празна победа. Тие го сведоа претседателот на фрустрација па дури и инертност. Последните анкети покажуваат дека само 23% од Американците веруваат дека Трамп "има контрола над случувањата". Протекувањата од деморализираната Бела куќа зборуваат за Трамп кој минува долги часови во гледање кабелска телевизија, и поплаки до својот најблизок круг од типот "не морав да ја работам оваа работа". Ноќните шоуа никогаш не се уморија од забележување како претседателот се здебелил додека е во Белата куќа, и покрај бројните излети за играње голф. Меѓутоа иронично активизмот на движењето за отпор му даде на Трамп спремно објаснувања за неговите прекршени ветувања.
Ова ја остава само надворешната политика, област исто така обележана со инертност. Откако државната посета на Британија, закажана за 2017, беше откажана а самитот во Канада во 2018 беше одбележан со протести, ентузијазмот на Трамп за глобално државништво беше оживеан на турнејата во Кина и Филипините во 2019, кои подеднакво се паметат по свеченоста и полициската бруталност. Трамп ги поттикна кинеските фондови да инвестираат во американска инфраструктура, меѓутоа извади скромни резултати.
Нови посети во странство не се планирани. Руските државни медиуми го исмеваат Трамп како "стариот самотник крал", европските лидери во најголем дел се откажаа од закажување лични состаноци во Белата куќа.
Месецов поранешниот главен стратег на Белата куќа, Стивен Бенон, го даде раниот епитаф на ерата на Трамп. Бенон на своите слушатели им кажа дека најголемата грешка во животот на неговиот поранешен шеф е што се кандидирал за реизбор. Тој им објасни дека на економскиот национализам му е потребен нов херој, заклучувајќи "Трамп се обиде, ама мочуриштето го исуши него".
Во говорот на Трамп се повеќе се забележува присуството на јазикот од телевизиската индустрија. Тој зборува за рејтинзи, а своето претседателство го нарекува "ова шоу". Неговиот тим за комуникации неодамна ангажираше продуцент од реалното шоу кое го оформи имиџот на Трамп како одлучен тајкун. Дури и најголемите ТВ хитови имаат свој природен живот. Додека Трамп изгледа заглавен во депресија, малкумина гласачи можат да се сетат зошто побарале снимање на втора сезона од претседателското шоу.