Упорните обиди да се рехабилитира бугарскиот режим пред 1944 се манифестираат во се побројни комеморативни настани, изградба на споменици и пишување учебници по историја. Постојат и неколку законски "решенија" за наводната носталгија по социјализмот, како предлогот да се криминализираат "комунистичките симболи", што подеднакво се однесува на маици со ликот на Че Гевара и на станбени блокови, за што веќе имаме пишувано. Овој процес заради спроведување темелна чистка на остатоците на комунизмот не се плаши ни од рехабилитација на предвоените фашисти. Поетот Милчо Спасов уште во 1990 година во опозицискиот весник Демокрација го одреди правецот со својот познат текст насловен: "Имаше ли во фашизам во Бугарија?" Во него авторот дава дефиниција на фашизмот како еднопартиска диктатура што ја води "политички теоретичар". А цар Борис III, потсетува Милчо, никогаш не напишал некое теоретско дело (како на пример Mein Kampf).
За него државниот удар во 1934 кој доведе до распуштање на парламентот нема ништо заедничко со фашизмот, бидејќи опозицијата наводно не била сосема задушена, како ни слободата на печатот. Авторот не дава одговор што точно беше бугарскиот режим до 1944, освен дека бил "нешто друго". Тоа друго би требало да биде беневолентна уставна монархија која ги чува правата на сите. Но до таква слика може да се дојде само ако се игнорира фактот дека тој режим својата консолидација ја должи на репресијата и уништувањето на комунистичката партија и забраната за делување на синдикатите и партиите. Работите слично стојат и со антисемитизмот, кој за Спасов практично не постоел во Бугарија. Притоа се повторува приказната за тоа како се спасени околу 50.000 бугарски Евреи и се игнорира дека барем 11.000 Евреи како дел од бугарскиот придонес во Холокаустот се испратени на истребување во нацистичките кампови од окупираните територии во Грција и Македонија.
Поентата на оваа необична реинтерпретација на фашизмот е тврдењето дека бугарската комунистичка партија не можела да се бори против фашизмот, па нејзиното преземање на власта е нелегитимно. Лажното претставување на периодот пред 1944, како некој период на развиена демократија е дел од приказната за "враќањето кон Европа" од која комунистите нас наводно нè одвоиле. Во оваа приказна царот често игра улога на "модел на демократско водство," како што Борис III редовно го нарекуваат во споменатиот весник. Станува збор за истиот цар кој во 1935 ја потврди забраната за политичка опозиција и воведе систем кој во историографијата се нарекува "лично владеење". Во весникот кој се нарекува Демокрација, недостаток на легитимитет од народот не претставува никаков проблем. За бугарската либерална десница популарноста и онака може да поттикне обвиненија за омразениот "популизам".
Период на реставрација
Антикомунизмот се покажува како некој вид политичка магија, која авторитарните монарси ги претвора во демократски водачи, а предвоениот фашизам во период на либерална демократија, ги спојува неспоивите политички режими и филозофија и на крај го прикажува актуелниот систем како вечен и неоспорен правец на политиката кој краткотрајно и насилно бил прекинат од аномалијата наречена комунизам. Бугарија значи пред 1944 била "европска демократија", меѓутоа заради комунизмот привремено е изместена од своето природно геополитичко опкружување на кое сега треба да му се "врати". Низ идејата за "враќање" се прикрива изворниот недостаток. Во таа смисла, историскиот ревизионизам не е некое лаење на неколкумина ексцентрични антикомунистички интелектуалци, туку идеолошка потреба од нов режим. Идејата за вистинско "враќање" на бугарскиот режим од периодот пред 1944 тешко дека би звучела привлечно. Заради тоа историјата треба повторно да се напише.
Тоа повторно пишување на историјата буквално веќе се случува. Едно невладино здружение, чија цел е "промовирање на соочување со комунистичкото минато на Бугарија користејќи методи на историски дијалог и граѓанско образование", од неодамна објави серија видео предавања и учебници за бугарскиот комунизам, што ги финансираше една американска организација во Бугарија. Невозможно е во една статија да се набројат бројните погрешни интерпретации за животот во времето на социјализмот, па дури и отворени лаги, како онаа дека комунистите го убиле царот Борис III по 1944, иако тој умира една година претходно од срцев удар. Има, меѓутоа, делови кои се многу илустративни: "Фразата 'пораз на буржоаската класа' со која се поврзува периодот на социјализмот значи уништување на историски втемелените хиерархии во општеството, односно положбата и односите меѓу општествените групи кои природно се создаваат со тек на времето и развојот на бугарското општество. Комунистичкиот режим го разбива претходното општествено единство и односи." Во оваа слика за ненасилно и хармонично предсоцијалистичко општество секако нема место за Холокаустот и ужасите од окупацијата на соседните територии, како ни за бруталната репресија, мачењето и исчезнувањето на домашната опозиција, кои се сокриваат зад тука споменатите "општествени односи".
Меѓутоа артикулирањето на либерализмот како идеологија на "реставрација" и замислување на некоја долготрајна либерална традиција која наводно ја прекинал комунизмот предизвикува бројни непријатни ситуации. Еден од неодамнешните примери е рушењето на споменикот посветен на 1300-годишнината од основањето на Бугарија. Се работи за социјалистичка модернистичка скулптура во центарот на Софија. Повикувајќи се на неговата наводна непоправливост, градската управа ги игнорираше протестите и го демолираше споменикот. Јавна тајна е дека главен мотив за негово рушење беше скорешното преземање на претседателството на Европската унија, за што церемонијата треба да се одржи во близина на некогашната локација на споменикот. На иницијатива на група јавни личности и интелектуалци од десницата, градот на место на оваа скулптура ќе подигне реплика на неокласичниот споменик од 1934, посветен на бугарските војници загинати во Балканските војни и во Првата светска војна, кој беше срушен во американското бомбардирање на Софија во 1940-те.
Откажување од "демократските промени"
Единствен преостанат елемент од стариот споменик од 1934 е фигура на лав чија шепа е потпрена на штит на кој е прикажана карта на Голема Бугарија. Градската управа сега планира тој лав да го врати на истакнато место на кое полесно ќе може да биде воочен од официјалните претставници на Европа. Постои, меѓутоа, мал проблем. На споменатата карта се прикажани т.нр. "природни граници на Бугарија", кои вклучуваат големи делови од соседните земји. Лавот кој претендира на територии на Македонија, Грција, Романија и Србија баш и не се вклопува во службената европска идеологија која наводно заговара мир меѓу членките, одбива иредентизам, територијални промени и експанзивен национализам. Но тоа не го намалува ентузијазмот на бугарската десница која со споменикот од 1934 сака да го обележи своето претседавање со најпрестижниот клуб на развиени земји во светот.
Ова не е прв обид со споменици да се рехабилитираат политичките и воените фигури меѓу двете војни кои биле блиски на Германија. Како што веќе пишува американскиот антрополог Кристен Годси, споменикот на жртвите на комунизмот подигнат во 1999 година веќе рехабилитираше значителен број на членови на бугарската влада и генерали кои се или директно одговорни за требењето на македонските и грчките Евреи во нацистичките логори (како министерот за внатрешни работи Петр Габровски) или биле отворени симпатизери на нацизмот (како генерал Христо Луков). Наратив зад "споменици на жртвите на комунизмот" е дел од систематското настојување на Европската Унија да наметне едно правилно сеќавање на комунизмот, посебно со документите како што е т.нр. Прашка декларација од 2008 година. Како што предупредува Годси, интензивирањето на овие обиди се поклопува со избивањето на финансиската криза.
Меѓутоа со глобалниот страв за нови општествени немири, важен фактор за залетот на кампањата е и дебаклот на домашната "изворна" антикомунистичка опозиција. Падот на својата популарност старата десница го препишува на проблемите со бугарскиот менталитет кој е заразен со нерационални идеологии како "популизам" и "носталгија по комунизмот". Дури и актуелниот десничарски премиер Бојко Борисов во таа смисла често се прозива како "комунист". Самонаречената автентична десница, која самата себе се смета за заслужна за промената на режимот во 1990, сега се впушта во хистерично отфрлање на популизмот. Таа жали по пропуштените шанси со насилно отстранување еднаш засекогаш да се реши од комунизмот. Баукот на комунизмот значи се уште ја опседнува бугарската десница. Но ако таа десница кон крајот на 1980-те формално се бореше за "демократски промени", денес се чини дека во име на својата борба против минатиот систем е потполно подготвена да се откаже од секаква демократија, како и од историската вистина.