Борис Џонсон за премиер е соодветен крај на мрачната декада

Армагедонот е на повидок. Борис Џонсон е тргнат кон бр. 10 и нема ништо неискрено, нерепутабилно па дури ни доволно скандалозно што тој може да направи што би ја спречило неговата партија да го избере. Тие ги знаат сите негови лаги, мрза и нарцизам, и пак не им е гајле.

По разорувачкото понижување на анкетите пред ЕУ изборите, каде ториевските гласови може да паднат на едноцифрени бројки, оваа до врат заглибена партија со цела снага ќе го прегрне сламеноглавиот шоумен во надеж дека ќе ги спаси од тримфалистичките Фаражисти. Е па, премиерот Борис Џонсон ќе даде соодветен крај на оваа се помрачна декада.

Мерка за избезуменоста на Конзервативците е бројот на апликанти за оваа крајно отровно невозможна позиција. Кој би сакал да предводи парализирана влада без мнозинство и партија која е змијарник? Секој што аплицира за позицијата треба да биде дисквалификуван по основа на ограничена деловна способност.

Ултрасите се заколнаа дека кандидатите нема да можат да ги ескивираат најголемите проблеми, што ги обврзува да гласаат против договорот на Тереза Меј и за излегување без договор. Како што Доминик Рааб се обидува да го над-брегзитира Џонсон, само гледај ги двајцата како се трудат да се наддадат со екстремни ветувања. Партијата ќе се одлучи за лидер што е за излегување без договор затоа што базата тоа го бара. Тие мислат дека само инсистирање на излегување без договор може да ги спречи тенковите на Најџел Фараж да не ги разораат ториевските гласачки тревници. И тие грешат затоа што каков брегзит и да испорачаат, ништо нема да го спречи Фараж да оплакува „предавство од елитите“. Тоа е повик на револуција со разорувачки ефикасна едноставност. Ториевците треба да разберат (а исто и лабуристите) дека ниту еден брегзит не може да биде доволно апсолутен; дури и најтврдото напуштање без договор и понатаму ќе бара правење бескрајно многу договори со ЕУ, кои Фараж може да ги претстави како предавство. Време е да се закопа митот за „чисто разделување“ кога и излегување без договор сепак значи бескрајна брегзит драма. Само Џонсон нема да го стори тоа затоа што тој е направен од истиот нечесен штоф, што ја искористува истата проста „дај веќе еднаш да се заврши“ заблуда.

Секако, да речеме дека луѓето посакуваат посилно уверување, па помудрите ториевски пратеници ќе спречат името на Џонсон да стигне на списокот последни двајца од кои бира партијата? Не, за тоа би било потребна исклучителна храброст, а таму има останато само грст принципиелни умерени: тројца од најдобрите преминаа во Чејнџ УК во моментот кога беа најпотребни во својот поранешен дом. Ники Морган, која викендов ја покрена „декларацијата на вредности“, изјави дека умерено изборно тело на партијата „ќе работи да спречи кој било кандидат за лидер што го подржува ’брегзит без договор на Најџел Фараж’.“ Тоа е добро ама таа може да собере само 60 пратеници за да го блокираат Џонсон, додека тој и понатаму има моќни поддржувачи: „Ќе биде монструозно ако ториевците не му дозволат на Џонсон да се кандидира за Даунинг стрит,“ се закани Дејли меил. Претставниците на базата се со стегнати тупаници и засукани ракави ако пратениците не успеат да го стават нивниот фаворит на гласачкото ливче.

Џонсон ќе се потпре на партија трауматизирана од овонеделните резултати. Тој ги освојува пратениците еден по еден, тврдејќи дека само тој може да им ги зачува пратеничките столчиња. Тој ја користи својата колумна во Телеграф за потпалување на базата.

Што ќе се случи ако тој победи? Тој нема да може да го истурка договорот низ парламентот, меѓутоа до Денот на вештерките Британија секако е должна да излезе од Унијата сакала тоа или не, без да има постигнато договор. Границата на Кале ќе се затвори, а исто и ирската граница, потпалувајќи ги барањата за референдум за обединета Ирска, по што ќе следуваат Шкотите со втор референдум. Како што сè ќе се заглави, на Британија ќе и остане само немоќниот Џонсон да се справи со купот катастрофи кај  горивото, храната, лековите, визите, редовите камиони и се послабата фунта.

Џонсон нема план: неговите предвидувања не стигаат подалеку од освојувањето на трофејот Даунинг стрит. Ако тој има контрола на импулс за да ги согледа последиците, дали тој би сакал да победи со ветување за излез без договор? Пред 31-ви октомври лабуристите ќе поднесат барање за гласање на недоверба на владата и ториевската фракција во парламентот против Џонсон ќе го поддржат ова со цел да ја соборат сопствената влада, и со тоа да доведат до нови избори. Согледувајќи ја оваа неизбежност, Џонсон секако самиот ќе свика избори, кратко по влегувањето во број 10. Фараж ќе даде сè од себе за да ги собере гласовите на ториевците и нивните мандати (а и некои од лабуристите), додека Либерал-демократите ќе ги привлечат умерените и гласачите за останување. Во најдоброто можно сценарио, Армагедонот што нè очекува може да ги зафати Џонсон и ториевците во годините пред нас, но не и целата држава.

Но јас никогаш не помислувам дека победа на лабуристите на општите избори може да биде гарантирана. Поука може да се земе од горките резултати од австралиските избори, толку болно слични со левицата кај нас. Од секој куќен праг анкетарите пријавуваат масовна селидба на гласачите на лабуристите кај партиите кои се за останување. Џереми Корбин викендов имаше лош настап на телевизија кој не успеа да го спречи овој брегзодус. Само очајните забележаа какво било придвижување на неговите празни мантри околу дополнителен референдум, додека тој ја трошеше последната шанса да ги спаси лабуристичките гласови.

Очекувајте сеопфатна битка кога ќе стигнат лошите резултати на лабуристите кои можеа комплетно да се избегнат. Дали ќе се научи лекцијата дека не успева позиција која е свртена кон двете страни? Како што парламентарните избори стануваат поверојатни, лабуристите нема да можат да им се спротивстават на Џонсон и на Фараж со полу-брегзит понуда за преговарање плус дополнителен референдум. Во тој дополнителен референдум ние треба да знаеме дека лабуристите безрезервно ќе го поддржат останувањето во ЕУ. Ако не, петте преостанати партии ќе можат да скинат доволно парчиња од лабуристите за да ги лишат од победа. По една деценија разорување од ториевците, секој нормален човек сака брегзит да се заврши еднаш засекогаш, но само гласање за останување во Унијата целосно ќе му стави крај. Дури и во победа Корбин ризикува да стане уште еден бескорисен брегзит премиер, кој предводи земја осудена на бескраен брегзит пекол. Ториевците ќе се искасапат себе си со избирање на Џонсон. Но лабуристите можат да го поразат само ако го конфронтираат за сите лаги што тој цел живот ги има кажано за Европа.

Поли Тојнби.
Гардијан

21 мај 2019 - 12:58