Кога на овие луѓе ќе им кажете војна, тие се убедени дека им зборувате за НАТО бомбардирањето; малкумина се оние кои знаат дека пред тоа имаше војна во Словенија, Хрватска, Босна, на Косово. Општ е впечатокот дека не постои свест за правите причини заради кои воопшто дојде до овие војни, и на крај бомбардирањето на СРЈ, и на кој начин овие настани се поврзани. Државата се труди да ја одржи оваа состојба на свеста, но не пропушта да имплицира дека годишнината од бомбардирањето е само еден во низата парастоси кои го одбележуваат "страдањето на српскиот народ."
Во таа слика се вклопуваат и урнатините во центарот на Белград, покрај кои растат генерации млади прифаќајќи ги како горд дел од националниот и градскиот декор. Спојувањето на неврзаните случувања (на пример сојузничкото бомбардирање на Белград во 1944-та и НАТО интервенцијата во 1999-та) и нивното поединечно извитоперено толкување базирано на пропаганда, а не на историски факти, покрај тоа што произведува иритирачка какофонија, за последица го има и промовирањето на тезата за недолжниот српски народ, невината жртва на повеќевековниот заговор на Америка, целиот западен свет, Ватикан, англиската кралица, итн.
Она за што во Србија упорно се молчи, се околностите заради кои воопшто дојде до војни и бомбардирања на СР Југославија. Тоа воопшто не чуди затоа што во домашната јавност малку се зборува за степенот на одговорност кој некогашното раководство на оваа држава го има за војните на просторите на поранешна Југославија, како и за нејзината дезинтеграција. Тоа, меѓу другото, е последица на фактот дека наследниците, идеолозите, соработниците и поранешните членови на истото тоа раководство и понатаму се политички активни и на највисоки државни и други јавни функции. Така се постигнува општа конфузија во која просечниот граѓанин се фрла во вртлог од спротивставени информации и толкувања, од кој уморен и незаинтересиран се враќа на своите секојдневни проблеми, што севкупно како последица има успешно заташкување на злосторствата и аболирање на злосторниците.
Се ќути, значи, за околностите кои доведоа до "сите жртви" на кои деновиве белградските власти им креваат споменик, со што на генерациите кои не ги интересира политика, а кои не се сеќаваат на војните, а во кои припаѓа и мојата (родени во СФРЈ, израснати во СРЈ), им се порачува дека за "војните од деведесеттите" всушност се виновни сите, дека нема што да се срамиме од тоа, напротив; дека вистината е таму некаде, далеку, несигурна и недостапна, дека историјата и политиката се апстрактни области на животот и дека сето тоа заедно и онака е премногу компликувано за да се разбере. Тие не пропуштаат на морбидните "прослави" на војните годишнини да укажат на исправноста на големо-српската националистичка политика и невиноста на "нашата страна". Многу поединци и групи, со благонаклоност на мнозинството медиуми, ни оваа година нема да ја пропушти шансата бомбардирањето на Југославија да го претстави во контекст на неправедна и со ништо непредизвикана агресија против Србија и "сè што е српско". Оној дел на јавноста кој јавно ја зборува вистината за нашето воено минато ќе остане и понатаму тивок, потиснат на маргините, без можност да влијае на јавното премолчување и фалсификување на скорешната историја.
Бомбардирањето на СРЈ во српската јавност со години наназад е претставувано како едностран насилен акт, завереничка агресија на државите на западна Европа и Америка против Србија, а се со цел да "ни го одземат Косово." Работите, меѓутоа, стојат сосема поинаку.
Милош Ќириќ / Пешчаник / 23.03.2012
комплетниот текст тука