пишува: д-р Костаке Милков, претседател на Балкански институт за вера и култура
„Знаењето е моќ," се смета како една од девизите кои ја навестуваат новата ера на Просветителството, но суштината на нејзиното значење им била позната на сите општества со организирано управување. Да се има увид во социјалната, економска, идеолошка и политичка состојба на сопствените поданици, или граѓани, е клучна претпоставка за успешно владеење. Оттаму, едни од најмоќните структури на секоја држава, од кое било уредување, се разузнувачките и контра-разузнувачките служби. Тие се по правило добар слуга и ужасен господар.
Дека тоа е така граѓаните на Македонија се сведоци изминативе два месеца. Како и да се обезбедени контроверзните прислушкувани разговори, нивната содржина дава формална потврда за она што досега за нас обичните граѓани беше јавна тајна, а тоа е дека на политичките функции и на државниот апарат секоја владеачка гарнитура во Македонија гледала и гледа како на тврдина. Тврдина која треба да се освои, но не за од неа да му се служи на народот, туку да владее со тој ист народ за своја сметка и за стекнување сопствена моќ и богатство. Притоа прибирањето „знаење" за граѓаните, на легални и нелегални начини, има/ло за цел истите да ги држи во подложна состојба на структурите на моќ кои теоретски би требало да се во служба на граѓаните.
Синоним за моќта е силата, а знаеме дека „сила Бога не моли." Ова е точно како псалмистот во четиринаесеттиот псалм ја опишува состојбата на безумникот. Во сумаризирана форма, според псалмот 14 оној кој вели, „Нема Бог", е безумник, а последиците на тоа безумство се угнетување на другите.
Во случајот на овој псалм, се работи за таканаречениот практичен „атеизам." Практичниот атеизам претпоставува суспендирање на моралните принципи кога тие не одат во нечија полза, а и кога се смета дека од тоа нема да се сносат никакви последици. Ова размислување дека „Бог е, ама не е тука и не е сега," во очите на неразумните, верници или атеисти, е видено како вакуум, шанса да се пополни празнината, така што ќе се заземе позиција на моќ или сила.
Интересна паралела за ова тврдење може да се извлече од делото на Ристо Крле, Парите се отепувачка. Кога Анѓеле незнајно и со полн куфер злато, ќе ги замоли своите родители да преноќи кај нив, таткото Митре почнува да рационализира во обид да најде изговор за злосторството кое намерува да го изврши. Мајката Мара од друга страна се колеба, и се обидува да не ја закопа својата совест и вера. Taa застанува пред иконата на Св. Никола и се моли, „Никола златен, Богородице мајко, што сега идеш, тргни му го она лошо од главана; дај му дах светен и смири го да не направи будалија. ..." Но дури и за неа Бог кој е, не е доволно тука и сега. Кога Митре ќе се врати со секирата, тој ќе ја сопре во намерата да го разбуди заспаниот гостин. Ристо Крле ни опишува „(Сфаќајќи што сака Мара да направи, за рамења ја исфрлува надвор ... и, откако неколку пати, нерешително се пушта да ја фати кваката, решително влегува)." Мара се повлекува пред Митрета зашто нема сили докрај да согледа дека Бог кој е, е тука и сега. Таа му се покорува и станува соучесник.
Митре пâк е типичен пример на неразумниот неверник од псалмот. Иконата виси на ѕидот сведочејќи дека за Митре Бог е, но не e тука и не е сега. Во замена за посакуваното богатство кое нуди моќ и удобство, вакуумот или отсуство на Бог, во очите на Митре, ги суспендира моралните принципи.
Според развојот на нештата во транзициска Македонија, излегува дека сеопштото прифаќање на моралниот вакуум како шанса за лична корист, е еден од главните општествени двигатели. Впрочем, дека некој се „снашол" е омилениот македонски глагол за социјална мобилност.
За моралниот вакуум да се надмине е потребно многу повеќе од декларативно согласување со моралните начела. За тоа е потребно вистинско спознавање што пак резултира во покајание. Псалмот 14 тоа го нарекува време кога „Господ ќе ги обнови благословите на Својот народ."
Еден од најдобрите описи на вакво спознавање и покајание го дава Шусаку Ендо во расказот„Јапонец во Варшава." Тој таму раскажува за туристичката посета на група Јапонци на Варшава пред самиот колапс на комунизмот. Главниот лик во расказот е изненаден дека на Јапонците во Варшава најчесто им се спомнува името на Максимилијан Колбе. Колбе е полски католички свештеник затворен во Аушвиц од нацистите. Кога еден од затворениците ќе избега, други десет се назначени да бидат погубени како поука за другите. Колбе доброволно се нуди и е погубен на место на еден од десетмината за отстрел, кој пâк ќе го преживее Аушвиц. Откако ќе ја дознае приказната, јапонскиот турист ќе замине со „проститука" во нејзиниот стан. Таму ќе ја здогледа фотографија на Колбе. Тоа е истиот свештеник кој тој го памти од своето детство во Јапонија. Соочувајќи се со погледот од фотографијата, Јапонецот доживува спознание. Еден човек умрел за граѓанин на овој град да преживее, а тој самиот е подготвен да „убие" една самохрана мајка од истиот град, која мора да го продава телото за да преживее. На Јапонецот и пред тоа му било јасно дека тоа што го прави е неморално. Му било јасно дека е корумпирано и дека со својата финансиска моќ ја искористува беспомошноста на Варшавката. Верник или не, тој знаел дека „Бог е, но не сметал дека е тука и сега."
Ако иконата на Св. Никола не го сопрела Митрета да го заколе својот син, фотографијата на Колбе го сопрела Јапонецот да ја искористи напатената беспомошна жена. Во тој миг на спознание, јапонскиот турист со суштината на срцето осознал колку е грозно тоа што тој посакува да го направи. Разбира дека наместо во градината на задоволствата како што претходно перцепирал, се наоѓа во септичка јама и е потонат во измет. Во тој миг тој доживува и покајание.
Само мигот на просветлувањето, на соочувањето налик на примерот со Јапонецот и Колбе, ќе нè ослободи вистински да се покаеме и да му свртиме грб на неразумниот кој вели „нема Бог."
Во спротивно, ниту еден доказ дека оние другите, кои ни ја газат шијата, на неправеден и насилен начин ни ја грабнале кофата, па сега црпат со десетици и стотици кофи, а ние немаме ни лажица, нема да ја смени реалноста дека всушност сите заедно сме до гуша во г***а.
За Македонија обновена со благословот на мирот и правдата ѝ требаме просветлени и покајани, било теисти или атеисти. Тој чин не може да го направи никој друг наместо нас.