Австрија пробива нов терен во ковид авторитаризмот. Оваа недела владата објави дека ќе ги направи вакцините задолжителни - со парични казни кои на крајот може да се претворат во затворски казни. Ова е баш авторитарен потег и опасен удар за телесната автономија.
Како одговор на пандемијата, во текот на изминатите две години, либералните демократии ширум светот воведоа ограничувања на слободата за какви досега немаше преседан. Појавата на неколку безбедни и ефективни вакцини требаше да стави крај на овој кошмар. Вакцините сè уште се, убедливо, нашето најдобро средство за надминување на кризата и враќање на нашите слободи. Но, во Австрија во моментов, слободата изгледа подалечна отколку во кој било момент во пандемијата.
Австриската влада минатата недела го шокираше светот со воведување карантин за невакцинираните - правејќи да е илегално таквите да ја напуштат куќата без државно одобрен изговор. По само седум дена ова се претвори во целосно заклучување за сите Австријци. Истиот ден кога Австрија влезе во локдаун, владата ја најави политиката за задолжителна вакцинација. Брзината на промените на политиките, одењето од една принуда во друга, јасно покажува дека овие мерки не биле внимателно разгледани. Тие беа наметнати во напад на паника. Ова треба да нè загрижи сите, не само затоа што паниката знае да биде многу заразна.
Австрија се обидува да се справи со два многу реални проблеми. Ковид случаите се на рекордно ниво, а вакцинираноста ниска. Само 65 отсто од Австријците се целосно вакцинирани, оставајќи два милиони луѓе кои се само делумно вакцинирани или воопшто не се вакцинирани. Но, државата ова да го решава со принуда, со тупаница, е нелиберално и погрешно. И сега, како и во целиот тек на пандемијата, на владите им е полесно да принудуваат наместо да убедуваат.
Претходно Австрија и други европски земји воведоа систем за „ковид-пас“, кој требаше да ги „поттикне“ луѓето да се вакцинираат. Австријците мораа да покажат доказ за вакцинација, антитела или негативен тест за да влезат во повеќето угостителски и рекреативни места.
Веќе во ноември оваа поттикнување се претвори во буткање. Заклучувањето на невакцинираните испрати јасна порака: не си боцнат, нема слобода. Ова суштински го поткопува правото на австриските граѓани да донесуваат одлуки за нивните тела. Очигледно ним не може да им се верува дека умеат да одлучат што е најдобро за нив и нивните семејства.
Одбивањето вакцина против ковид е погрешно и антисоцијално. Вакцините се безбедни и ефикасни и ни овозможија да ја скротиме пандемијата. Но, ако луѓето веќе имаат суверенитет над своите тела, тие мора да имаат право да прават работи и да одбиваат да прават работи - дури и ако мнозинството смета дека тоа е погрешно. Ова е минимумот кој треба да го очекуваме во една либерална демократија.
Сите очи во Европа сега се вперени во Австрија. Но, наместо да гледаат со ужас, владите размислуваат дали да го следат примерот. „Австрија покажува дека задолжителноста на вакцините веќе не е незамислива“ – вака Гардијан го доловува европското расположение.
Германија изгледа како најверојатен кандидат да го следи примерот. Нејзината влада исто така се соочува со ниски стапки на вакцинација и многу нови случаи (највисоки од почетокот на пандемијата). Владата најави планови за локализирано заклучување на невакцинираните, надлежните бараат задолжителна вакцинација а министерот за здравство предупреди дека до пролет сите Германци ќе бидат „вакцинирани, излечени или мртви“.
Фактот дека овој нов бран мерки доаѓа од германското говорно подрачје на Европа, наведе многумина кои се скептични околу вакцините да го споредат со - знаете што. Но, не е стариот тоталитаризам тој што го поттикнува ова. Споредбата е погрешна, но и навредлива.
Во Австрија го гледаме авторитаризмот вообичаен а нашето време. Издигнување на безбедноста над сè друго – идеологијата на „безбедностицизам“ – им дозволи на либералните демократии да отфрлат секој друг принцип, секоја слобода, секоја демократска практика за која ќе се оцени дела стои на патот „да бидеме безбедни“. Во меѓувреме, технократскиот импулс на владите ја намалува улогата на граѓаните. Нè третираат како обични бројки на графикони кои треба да се водат и обликуваат според каприците на експертите. Ако слободата, автономијата или демократијата мора да се порамнат за да се порамни кривата на болни, тоа е, што да се прави.
Австрија треба да биде предупредување за светот, а не пример што треба да се следи.