На почетокот од јули, американскиот претседател Бајден на прес-конференција изјави дека е „крајно неверојатно“ дека талибанците ќе го освојат цел Авганистан.
Ова очигледно беше предвидување базирано на тоа што експертите му го имаа кажано, од воени стратези до разузнавачки агенции. Меѓутоа на 11 август експертите ја сменија песната. Американски функционери им изјавија на медиумите дека талибанските борци се во позиција да го опколат Кабул во рок од 30 денови и веројатно да го освојат за 90.
Само четири денови подоцна, на 15 август, талибанците го освоија Кабул, а со него и Авганистан. На крај немаше потреба од 30 дена, или од 90 дена - туку само четири дена.
Толку од разузнавањето. Толку од експертите. Толку од сите оние што тврдеа дека знаат какви се вистински работите во Авганистан. Како прв човек на американската команда, генералот Марк Мајли, минатата недела на новинарите им кажа дека тој и неговите колеги ја потцениле брзината со која напредуваат талибанците. „Немаше ништо што јас или некој друг го виде што наведуваше на колапс на оваа армија и оваа влада за 11 денови,“ ќе изјави тој.
Тоа што висок американски функционер може да признае дека САД и нивните сојузници немале поим дека државата што тие ја изградија била пред колапс е спектакуларно признавање. Тоа ни кажува дека сите разузнавачи, планери и државотворни технократи - на кратко експертите - немале поим што се случува во земјата што САД и нивните сојузници ја окупираат речиси 2 децении.
Но ова не е некаква абнормалност. Не е катастрофален но привремен пропуст на разузнавањето. Експертите не дека имаа неколку месеци погрешно разбирање на Авганистан - претерувајќи околу издржливоста на авганистанската армија и влада, и потценувајќи ја талибанската офанзива.
Не, експертите грешеа околу Авганистан за време на целата оваа 20-годишна трагедија. Всушност, целиот крвав дебакл беше обележан од очигледниот експертски неуспех да ја разберат динамиката на оваа се уште племенска држава. Резултат на ова е фатално фаличен обид да се наметне префабрикуван политички поредок врз непослушно општество.
Ова беше јасно уште од почетокот кога претседателот Буш ја започна војната против Авганистан во октомври 2001. Во тоа време неуспехот на експертите беше очигледен на ниво на собирање разузнавачки податоци. Неименуван советник на специјалните сили на американската армија во 2017 изјави дека во почетните фази од конфликтот постојано бил прашуван „кои се негативците, каде се наоѓаат?“ Тој не знаел. Ова беше чувството што очигледно го имаше и тогашниот министер за одбрана Доналд Рамсфелд, кој во септември 2003 се пожали „немаме преглед кои се негативците, страшно сме дефицитарни со човечко разузнавање.“
САД и неговите сојузници не беа дефицитарни само за тоа, оваа војна беше водена наспроти општествената и политички реалност во Авганистан. Таа беше производ на игнорантност и технократска самобендисаност.
И токму оваа самобендисаност е во сржта на најголемата експертска грешка во Авганистан - имено, обидот да се наметне „нација“ врз разделена, племенска и очајно назадна држава.
Токму од моментот кога краткорочните воени цели на Буш се претворија во долгорочни социјално-политички цели, одредени експерти се однесуваа како да знаеа што е најдобро за Авганистан. Тие расфрлаа пари на огромни инфраструктурни проекти, од брани до автопати, кои локалците немаат како да ги одржуваат. Тие градеа училишта веднаш до празните стари училишта кои Авганистанците немаа намера да ги користат. И тие изградија централизирана држава, на чело со човекот на ЦИА, Хамид Карзаи, кого неспоивите, племенски поделени Авганистанци немаа причина да го поддржуваат.
Како и да свртиш, западните технократи креираа Авганистан кој сосема малку одговараше на потребите, однесувањето и желбите на луѓето кои живееа таму. Тие очигледно веруваа во зборовите на советникот на Џорџ Буш, Рон Сускајнд: „Ние сега сме империја, и кога ние делуваме, создаваме наша сопствена реалност.“
Оваа заслепеност, оваа ароганција на експертите го достигна својот ужасно апсурден врв за време на претседателството на Барак Обама. Во 2009, тој објави дека САД ќе додадат дополнителни 30.000 сили на постојните 68.000 кои веќе беа во Авганистан, кои ќе го помогнат бранот што ќе доведе до крајната победа врз талибанците. Истовремено, САД пумпаа милијарди долари помош во НВО-а, приватни платеници и политичари во Кабул кои ја градеа новата американска авганистанска држава. Обама објави дека американските сили ќе го напуштат Авганистан во јули 2011. Мисијата е исполнета.
Сето тоа изгледаше толку многу ригорозно. Толку детално планирано. Толку базирано на податоци. По објавата на планот за повлекување, Обама беше предмет на предвидливо сентиментален текст во Њујорк тајмс, во кој детално беше опишано како тој непрестајно се консултирал со воените и цивилните сојузници, како прегледувал илјадници разузнавачки извештаи, и тој самиот навлегол во секој достапен комплет податоци. Ова требаше да биде перфектно калибрирана мисија, базирана на најдобрата воена и цивилна експертиза, и насочена кон правилна изградба на државата.
Ова исто така беше неуспех. Во 2012, американските војници се уште беа во Авганистан, се уште се обидуваа да ја консолидираат државата што САД ја изгради, а непријателот сепак добиваше на сила. Претседателката на разузнавачкиот комитет на Сенатот, Даен Фајнштан, имаше и кратко патување во Авганистан за да види како одат работите. „Мислам дека тоа што го откривме е дека Талибанците сега се посилни,“ ќе изјави таа пред Сенатот.
Пак и пак се повторува истата арогантност. Токму полу-феудалната, осиромашена реалност на Авганистан беше тоа што постојано го изненадува САД и неговите сојузници. Какви планови и да беа направени, тие речиси секогаш беа распарчени. Што и да тврдеа експертите дека ќе се случи, тоа речиси никогаш не се случуваше. Талибанците секогаш се покажуваа посилни отколку што се мислеше. А теренот на кој САД ја градеше новата држава секогаш беше понестабилен отколку што се тврдеше.
Проколнувачки се зборовите на Даглас Лут, армиски генерал кој служеше во Белата куќа како т.нр. цар за војна во времето на Буш и Обама. „Ние бевме лишени од основно разбирање на Авганистан. Ние не знаевме што се случува... немавме ни најмала претстава што се имаме нафатено да правиме,“ ќе изјави тој во 2015.
Меѓутоа ова не беше само игнорантност. Тоа беше неопходна игнорантност - производ на Западна државотворна елита која е уверена дека знае што е најдобро за странски луѓе, во чие име води војни и гради нови нации. Таа самоувереност сега лежи распарчена во Авганистан, гробницата на експертите.