Венецуела:

Америка од Ирак ги научи само погрешните лекции

За да го нападнат и окупираат Ирак, Џорџ Буш и неговите со месеци убедуваа дека Садам има хемиско оружје за масовно уништување. 200.000 - 460.000 ирачки цивили настрадаа додека носеа демократија во земјата. По истата скрипта, Доналд Трамп и неговите со месеци убедуваа дека Мадуро ги диригира нарко-картелите а фентанилот го прогласија за оружје за масовно уништување. И нормално, нападнаа.  

Напаѓањето бродчиња и запленувањата танкери беа толкувани како рутинско спроведување на санкциите. Но, за многу набљудувачи, тие изгледаа како нешто друго: груба демонстрација на сила што ги оживеа непријатните сеќавања за тоа колку лесно нафтата, безбедноста и моралното оправдување се замаглуваат кога Вашингтон сака војна.

Инвазијата на Венецуела покажа дека дека единствените лекции што Америка ги научи од катастрофалната инвазија на Ирак беа оние што се погрешни.

Сегашната администрација неодамна го означи фентанилот како хемиско „оружје за масовно уништување“ - повторувајќи ја лагата што Џорџ Дуплове Буш ја користеше за да ги вовлече САД во Ирак во 2003 година. Државниот секретар Марко Рубио го обвини Николас Мадуро дека работи со нарко-трговци и нарко-терористи, копи/пејст на неоснованата опсесија на Буш за постоење сојуз меѓу Ал Каеда и Садам Хусеин.

„Примамливо е да се заклучи дека нашите лидери не научиле ништо од Ирак. Вистината е погадна. Тие научија дека претерувањето, ширењето страв и измислувањето егзистенцијални закани сè уште можат да функционираат“, пишува Паулина Веласко во The Hill.

На Латинска Америка ова ни оддалеку не ѝ е прва интервенција на Вашингтон, но рециклирањето на реторичкиот прирачник од Ирак,  најкатастрофалната грешка во модерната историја на САД,  сигнализира до регионот и до светот дека Америка и денес не може или не сака да ги контролира своите најлоши инстинкти.

По правило, американските претседатели не се многу заинтересирани за подалекусежните последици од нивните одлуки. Нив првенствено ги занима брзата победа која можат политички да ја уновчат а конечниот есап да му го остават на некој наследник. 

Кога Американците го распараа Ирак, не им текна дека тоа ќе доведе до вакуум кој ќе го пополнат екстремисти, од Ал Каеда до ИСИС. Плус дека екстремизмот дополнително ќе се регионализира и глобализира.

Слична динамика може да се случи и во Венецуела. Латинска Америка има долга историја на комитство: ФАРК во Колумбија, Запатистите во Мексико и Сендеро Луминосо во Перу.

Исто како што распуштените сили на ирачкиот Баас, после 2004-та се прелееја кон милиции и терористички групи, така и расцепканите венецуелски безбедносни сили лесно би можеле да бидат апсорбирани во криминално-терористичките екосистеми кои веќе постојат.

Американската интервенција во Венецуела ризикува да ја повтори најтешката грешка од Ирак: уривање на држава во средина која веќе е подготвена за консолидација: екстремистичка и криминална.

********
Види и:

Џефри Сакс за Венецуела: Просто е
Венецуела: Нафта, нафта, ама и минерали

3 јануари 2026 - 11:53