Се додека буре во кое само 49,99% од нафтата доаѓа од Русија, а другите 50,01% од каде било друго, тоа во очите на Шел технички не е буре нафта со руско потекло.
Маневарот го покажува растечкиот и матен пазар за руска дизел мешавина и други рафинирани петролеумски производи, кои голем број нафтени компании и други трговци ги користат за одржување на дотокот на руски енергенси во Европа, додека во исто време ги задоволуваат барањата на јавното мислење за ставање крај на субвенциите на воената машина на Путин.
Бидејќи Европа запре на чекор од ставање какво било ограничување или казни за купување на руска нафта, гас или јаглен, продавањето на новата мешавина е сосема легална. Ако Шел и другите до буква ги следат европските правила, тие ќе можат да купат пратки кои се 100% од руско потекло.
Меѓутоа мешавините се лагодна алатка за компаниите кои јавно изјавуваат една работа (дека ќе ги исклучат руските молекули од својата набавка) а прават друга (купуваат многу руски молекули).
Во случајот со Шел, компанијата ги поправи таканаречените општи услови и правила во своите договори за да се дозволи руската мешавина. Новите услови велат:
„Како услов на оваа набавка а со тоа и услов на сите следни набавки производите продадени и испорачани од Продавачот нема да бидат со потекло од Руската федерација (’РФ’) и нема да бидат товарени или транспортирани од Руската федерација. Производите ќе се сметаат дека се со ’потекло од РФ’ ако се произведени во РФ или ако 50% или повеќе од нивната содржина (по волумен) е составена од материјал произведен во РФ.“
На нафтениот пазар трговците шепотат за „Латвиска мешавина“ - ново потекло на дизелот кое наликува како дупка за снабдување на руски производи измешани со нешто друго.
Типичната трговија почнува од Приморск (руски град фокусиран на извозот на нафта во близина на Санкт Петерсбург) во Вентспилс, пристаниште во Латвија што има голем нафтен терминал и резервоари. Таму се случува мешањето. Има и многу други локации каде се одвива мешањето, вклучително и Холандија, и на отворено море, во она што трговците го нарекуваат трансфер од брод на брод. За многумина на пазарот, латвиската мешавина едноставно е кратенка за која било мешавина кој содржи руски молекули, без разлика каде се случува мешањето.
Латвиската мешавина е потсетник за слични дупки во трговијата со санкционираната иранска или венецуелска нафта, која со години на далечниот исток се нуди како „Малезиска мешавина“ или „Сингапурска мешавина.“ За Шел стратегијата не е без ризик. Компанијата беше присилена минатиот месец да објави ретко извинување откако нејзините трговци купија еден товар руска уралска сурова нафта, што предизвика серија поплаки вклучително и од украинскиот министер за надворешни работи кој ја критикуваше компанијата за профитирање од украинската крв.
Во последователната изјава Шел порача дека започнале со „повлекување во фази од руските петролеумски производи“ и објавија дека „веднаш престанаа со купување на руска сирова нафта на пазарот.“
Иако Шел се реши да прифаќа пратки кои имаат 49,99% руски дизел, има и такви што не тргнаа по него. Францускиот Тотал инсистира дека пратката „во целост или во кој било дел“ не смее да потекнува од Русија. Шпански Репсол има слични правила за забрана на руски молекули, според општите услови и правила.
Има и други дупки - повторно легални. На пример, Интерконтинентал ексчејнџ им дозволува на трговците да испорачаат руски дизел под договорот за европски гас и нафта. Берзата минатата недела во меморандум ги потсети трговците дека „производите од секакво потекло се испорачливи“ во регионот на Антверпен, Ротердам и Амстердам. Со ова трговец, под овој договор, може да набави и да испорача руски дизел, а и понатаму да ги почитува правилата на ЕУ.
Ваквите дупки се потсетник зошто санкциите се тешки за спроведување. А кога санкциите не се наметнати туку се себе-санкционирање, тоа ја отвора вратата за компаниите да ги спроведуваат како што им се допаѓа. Резултат? Русија продолжува да ги продава своите фосилни горива и да заработува пари. Европа, исто така, има корист од поголемата залиха на дизел, и пониски цени на енергенсите. Само прашањето на моралот чека на пресметката.