6 причини зошто Мета е во сериозни проблеми

Во најголемиот пад во историјата на компанијата, Мета (новото име на Фејсбук) за еден ден изгуби 26% од вредноста на акциите или некои си 230 милијарди долари. Крахот следуваше откако беше објавено дека во претходниот квартал Фејсбук не ги заработил очекуваните пари.

Мајк Ајзак, кој повеќе од една деценија пишува на тема Фејсбук прави список од шест причини зошто Мета е во сериозни проблеми.

 

Растот на корисници достигна плафон.

Завршија младешките денови на Фејсбук со незауздан раст на корисници.

Иако компанијата во средата објави дека имале скромен раст на нови корисници на т.нр. семејство на апликации (Инстаграм, Вотсап и Месинџер) нивната главна апликација, Фејсбук, во четвртиот квартал изгуби околу половина милион корисници во споредба со претходното тромесечје.

Ова е прв ваков минус на компанијата во нејзината 18-годишна историја, период кој во основа беше дефиниран од способноста на компанијата да донесе уште нови корисници. Падот сигнализираше дека главната апликација можеби го достигнала пикот. Кварталната стапка на раст на корисници на Мета исто така е најспора барем во изминативе три години.

Директорите на Мета посочуваат на други полиња за раст, пример заработување пари од Вотсап, кој допрва треба да генерира посериозни приходи. Меѓутоа овие напори се во зародиш. Инвеститорите најверојатно следно ќе сакаат да знаат дали другите апликации на Мета, како Инстаграм, можеби ќе почне да го достигнува својот плафон на раст на корисници.

 

Промените што ги направи Епл почнуваат да и пречат на Мета.

Минатата пролет Епл на својот мобилен оперативен систем го пушти апдејтот за „Следење на транспарентност на апликација“, со кој на корисниците на Ајфон им даде можност да одлучат дали ќе дозволат на апликации како Фејсбук да продолжат да ги следат он-лајн. Оваа промена веќе почна директно да му наштетува на бизнисот на Мета, и веројатно е дека и ќе продолжи.

Откако по ново Фејсбук и сите други апликации мораат експлицитно да ги прашаат луѓето за дозвола за следење на нивното однесување на интернет, голем број корисници решија да не ја дадат таа дозвола. Ова значи помалку податоци за корисниците за Фејсбук, што го прави таргетирањето реклами - главниот приход на средства на компанијата - многу потешко.

Уште поболно е што корисниците на Ајфон се далеку попривлечниот и побогат пазар за огласувачите на Фејсбук, отколку Андроид. Луѓето кои користат Ајфони за сурфање интернет вообичаено трошат многу повеќе пари на производи и апликации кои им се нудат преку мобилни реклами.

Во средата беше објавено дека промените на Епл ќе и направат загуба на Мета од 10 милијарди долари од приходи во текот на следната година. Компанијата се побуни против промените што ги воведе Епл, тврдејќи дека тие се штетни за малите бизниси кои зависат од рекламирање на социјалната мрежа за да стигнат до своите купувачи. Сепак малку е веројатно дека Епл ќе се откаже од промените што ги направи, а тоа го знаат и акционерите на Мета.

 

Гугл почна да зема од уделот на Мета во он-лајн рекламирањето.

Во средата финансовиот директор на Мета, Дејвид Венер, изјави дека промените направени од Епл го намалуваат увидот што огласувачите го имаат околу однесувањето на корисниците, заради што голем дел од нив почнале својот буџет за реклами да го префрлаат на други платформи. Главно Гугл.

Неделава во извештајот за приходите Гугл пријави рекордна продажба, посебно во рекламирање на резултатите од пребарување за е-трговија. Ова е истата категорија што и направи проблеми на Мета во последните три месеци од 2021.

За разлика од Мета, Гугл не е толку зависен од Епл за собирање податоци од корисниците. Венер изјави дека Гугл најверојатно има „далеку повеќе податоци за мерење и оптимизација од трети страни “ отколку платформата за реклами на Мета.

Венер исто така посочува на договорот на Гугл со Епл да биде главен пребарувач на Сафари. Ова значи дека рекламите на пребарување на Гугл се појавуваат на повеќе места, собирајќи повеќе податоци кои можат да бидат корисни за огласувачите. Ова е огромен проблем за Мета на долг рок, посебно ако повеќе огласувачи се свртат кон рекламите на Гугл.

 

ТикТок и Рилс уште им се нерешлив проблем.

Повеќе од една година Закерберг зборува колку сериозен противник е ТикТок. Кинеската апликација порасна на повеќе од милијарда корисници благодарејќи на крајно споделувачките и зачудувачи зависнички кратки видеа. И таа е сериозен конкурент на Инстаграм за прегледи и внимание.

Мета го клонираше ТикТок со видео опцијата Инстаграм Рилс. Во средата Закерберг изјави дека Рилс кој добива водечко место во Инстаграм фидовите, моментално е број еден двигател на ангажираноста на корисниците во апликацијата.

Проблемот е што иако Рилс привлекува корисници, тој не е толку успешен во правење пари како другите содржини во Инстаграм, пример сторија и главниот фид. Ова е затоа што од видео реклами потешко се прават пари, бидејќи луѓето главно ги прескокнуваат. Тоа значи дека колку повеќе Инстаграм ги тера луѓето да користат Рилс, толку помалку пари прави од овие корисници.

Закерберг ја спореди ситуацијата со пред седум години кога ги воведоа „сторијата“, што беше клон на Снапчат. Производот исто така не и носеше многу пари на компанијата кога дебитираше, иако со тек на време почнаа да доаѓаат пари од рекламите. Сепак, нема гаранција дека Рилс може да ја повтори магијата.

 

Трошењето на метаверзумот е сулудо.

Закерберг толку многу верува дека следната генерација на интернетот е метаверзум што е подготвен сериозно да троши на него.

Во изминатата година оваа потрошувачка надмина повеќе од 10 милијарди годишно. Закерберг очекува дека во иднина ќе потроши уште повеќе.

Сепак за сега нема докази дека оваа кладба ќе се исплати. За разлика од префрлањето на Фејсбук на мобилни уред во 2012, проектот со виртуелната реалност и понатаму е сфера за ниш публика која не успева да пробие во меинстрим.

Во суштина, Закерберг бара од своите вработени, корисници и инвеститори да веруваат во него и во неговата метаверзум визија. Ова е големо барање за нешто што во претстојните години ќе ја чини компанијата милијарди долари и никогаш нема да вроди со плод.

 

Уште демне можноста за анти-монополска постапка

Мета се соочува со бројни истраги, вклучително и од свежо агресивната ФТЦ и повеќе сојузни јавни обвинители, за тоа дали се однесувала анти-монополски. Законодавците исто така се обединија околу конгресните напори за носење на анти-монополските закони.

Закерберг тврди дека Мета не е монопол социјална мрежа. Тој гневно посочуваше на она што го нарекува „невидени нивоа на конкуренција“ вклучително од ТикТок, Епл, Гугл и други идни противници.

Меѓутоа заканата од анти-монополска истрага го отежна напредувањето на Мета преку купување на нови конкуренти од социјалните мрежи. Во минатото Фејсбук ги купи Инстаграм и Вотсап без некои поголеми проблеми додека овие сервиси собираа милијарди корисници. Сега дури и некои од помалку спорните купувања на Мета во виртуелна реалност и гиф-ови се глобално оспорувани од властите.

Бидејќи новите договори се малку веројатни, од клучна важност за Мета е преку внатрешна иновација да излезе од своите проблеми.

Во минатото постоеше верба дека Закерберг ќе може да го направи тоа. Меѓутоа, барем во четвртокот, оваа верба на Вол стрит беше на резерва.

Мајк Ајзак,
Њујорк тајмс

9 февруари 2022 - 15:20