Задолжителна наука за секој ден

Еден од изненадувачките факти околу интернетот е дека интернетот не е само Фејсбук. Уште поизненадувачки е дека на интернет има сајтови кои стручно се бават со - наука. Екипата на Лајв саенс состави сопствен список од научни веб-страни кои секој ден ги посетуваат и читаат.

Арс техника

Името на сајтот е латински за „уметност на технологијата“, и освен технологијата од насловот, покрива наука, и како двете се преплетени во нашиот живот и современата култура, сакале ние тоа или не.

Атлас обскура

„Верувале или не“ на Рипли префрлено на интернет, и набилдано со статии полни со многу мулти-медија, многу факти и многу познавање на историја, и многу осет за наоѓање и откривање на интересна историски и научна генеза на најразлични предмети и навики, кои некако останале забошотени.

Би-би-си саенс

Истиот пристап од покривањето на дневните настани, новински без коментари, Би-би-си го пренесува и во својата научна секција, без клик-бејт и создавање фама. Притоа благодарејќи на својата глобална мрежа, следи информации од цел свет.

Кемистри ворлд

Веб-страната не се занимава само со чиста наука и научни достигнувања, туку комплетно ја покриваат хемијата, како што весник покрива политика и дневни настани, сосе новости и скандали, плус имаат совети од хемичари, рецепти и слично.

Футуризам

Фокусот е на наука и технологии кои ќе оформат иднината на човештвото, без разлика дали тоа било Тесла, напредок во физика или вештачка интелигенција.

Гизмодо

Позицијата на Лајв саенс е „Гиз е најневоспитаната научна веб-страна на интернетот“ и таа се базира на наслови како „Античките слонови и мастодонти немале никаков проблем со плескање со припадници од други видови“ и „Мрачниот смрдлив вортекс на Нептун бледее како лош прдеж“. На страна насловите, одлично и детално следат и пренесуваат за екологија, физика и вселена, во комбинација со вестите од технологија и политика.

Нешенл џигорафик

Без разлика дали те интересираат фотки од природа или стории за животни, археологија, природа или наука, Нат гео ќе ти заврши работа.

Ен-пи-ар саенс

Рубриката за наука на американското државно радио. Во согласност со медиумот сториите во најголем дел се аудио и покриваат обемен спектар на научни теми, од истражување на вселената до најнови откритија во медицината.

Куанта магазин

Магазинот покрива од теорија за сè, до однесувањето на субатомските честички, и генерално се што е премногу физика, компјутерски науки, математика и биологија за останатите медиуми. Притоа успеваат сето тоа некако човечки да го напишат.

Смитсониан

Сајтот е на Смитсониан музејот, а и така се однесува, покривајќи научни вести, додека во исто време нуди историски есеи и документарци за природата.

Саентифик Американ

Не само што е најдолго печатениот американски магазин (170 години), туку е и еден од најсеопфатните сајтови за вести од науката.

Спејс

Теми на интерес: астрономија, вселенски летови и истражување.

Гардијан - саенс

Длабока и сериозна обработка на науката, притоа опфаќајќи што е можно поголем број научни теми.

Вокс

Статиите на Вокс за наука „се импресивно длабоки,“ и не се концентрираат само на кој и што направил, туку и зошто и како. Често пати дополнети со корисни графички помагала, како графикони и инфографици, кои помагаат во разјаснување на комплексни прашања.

Вајард

Наука и технологија, и сето тоа раскажано како за луѓе.

16 март 2018 - 11:44