Џонсон не е некоја Јутјуб супер-ѕвезда, и има само околу 300.000 претплатници (ни најмалку воодушевувачки број за американска публика) и околу 50 милиони прегледи. Овие бројки минатата година му донеле речиси 5 пати повеќе заработувачка отколку целата семејна фарма што ја работи.
Според статистиките на Пју, во руралните средини на САД Јутјуб е најпопуларната социјална мрежа, која ја користи 59% од населението.
МН милениал фармер е само дел од генерацијата земјоделци кои се појавија на Јутјуб за да го евидентираат земјоделското секојдневие, и „за да бидат дел од разговорот за земјоделството на социјалните медиуми“. Последново се однесува на напливот на противници на модерното земјоделие, кои ги прекрија социјалните медиуми со секакви (издржани и не) критики околу денешната пракса. Како што Џонсон објаснува во интерјвуто за Блумберг:
„Да, користиме ГМО, користиме пестициди, користиме системи за наводнување, и има реални причини зошто ги користиме сите тие работи.“
Меѓу соговорниците на Блумберг е и Сузан Кук, на Јутјуб ВТ Фарм грл, која има околу 40.000 претплатници кои го следат нејзиното искуство како земјоделец од прва генерација, и сите нејзини успеси и неуспеси. Агендата на Кук е да се привлечат повеќе жени во земјоделието.
Џош Драпер, Стоуни риџ фармер, исто така е сточар од прва генерација и има над 220.000 претплатници, кои го следат како тој ја гради фармата за говеда на некогашна плантажа за тутун. Тој пак сака да привлече повеќе армиски ветерани во земјоделието, и да покаже дека е возможно животни да се одгледуваат „хумано и со почит“.
Како што е стандардно за нивната он-лајн професија, овие влогери продаваат и сопствени производи (маици, капи...), држат јавни говори и промовираат брендови во своите видеа, сето ова за дополнителни приходи.
„Луѓето се оддалечија од земјоделството. Тие се заинтересирани од каде доаѓа нивната храна, и кои се луѓето што ја одгледуваат нивната храна. Имаме одлична можност да разговараме со луѓето, и да ги дискутираме сите оние работи што ние ги правиме,“ објаснува Џонсон.