Целата работа е откриена од независни истражувачи и според нив, неофицијално, сервисот со претплата би се викал Твитер блу.
Опцијата за колекции е надградба на постојната опција за букмаркирање на твитови, и за 2,99 месечно наместо сегашното букмаркирање само по хронолошки редослед ќе може твитовите да ги сортирате по папки.
Опцијата „undo“ би функционирала слично како на Гмаил, и ќе му даде фора на корисникот од неколку секунди да го повлече назад твитот.
Иако до сега се финансираше од реклами, Твитер е под сериозен притисок да го надополни начинот на кој заработува пари откако Епл месецов во оптек ја пушти опцијата која бара од корисниците изричито да дадат согласност дека сакаат да бидат следени на социјалните мрежи и нивната активност на најразлични апликации.
Ова е клучно за прецизноста со која Твитер ги испорачува рекламите, од тоа зависи колку од нив ќе бидат кликнати или ќе има некаква активност на корисникот, што е директно поврзано со парите што тие ќе ги заработат од објавената реклама.
Минатата недела Твитер побара од корисниците да им биде дозволено да ги следи, под оправдание дека така помагаат „рекламите да останат релевантни“.