Маск, Обама, Гејтс, Кардашијан, Бајден...

Твитер ноќеска изгуби контрола врз Твитер

Десетици Твитер сметки со милиони следбеници, од Обама, Бајден, Гејтс и Елон Маск, па до Ким Кардашијан, вчера беа хакнати и искористени за масовна биткоин измама.

Сметките се хакнати преку упад во системите на Твитер, а не преку поединечно хакнување на секоја од жртвите. Откако добиваат пристап до едни од најпопуларните, и со најсериозна тежина, Твитер сметки напаѓачите масовно почнуваат да твитаат пораки во кои се обидуваат да ги измамат следбениците да префрлат криптовалути во нивни паричници.

Ветувањата од светски познатите милијардери, политичари и ѕвезди е дека тие како акт на филантропија ќе ја дуплираат сумата на биткоин што корисниците ќе ги уплатат на нивните биткоин сметки.

Седум часа по масовното преземање Твитер сметки, се обраќаат и луѓето од Твитер кои признаваат дека напаѓачите успеале да преземат контрола измамувајќи и на друг начин убедувајќи ги вработените да им го предадат својот пристап.

„Откривме, она што веруваме дека е координиран напад со социјален инженеринг од лица кои успешно таргетирале некои од нашите вработени што имаат пристап на внатрешните системи и алатки.

Знаеме дека го искористиле овој пристап за преземање контрола врз повеќе сметки со голем број следбеници. Разгледуваме која друга малициозна активност ја спровеле или информација до која пристапиле, и дополнителните информации ќе ги споделиме кога ќе ги имаме,“ беше објавено на официјалната сметка на @TwitterSupport.

 

 

Во текст објавен на Мадерборд, се цитираат неименувани хакери, придружени со скриншотови, во кои се тврди дека хакерите добиле пристап до системот откако му платиле на висок вработен на Твитер.

16 јули 2020 - 10:32