За неколку дена на територијата на Шпанија се префрлиле повеќе од 1.500 луѓе од Африка. Тоа се официјални бројки од локалните шпански власти. Неофицијално ги има многу повеќе.
На снимки се гледаат луѓе како пливаат, толпи што трчаат по плажите и се распрснуваат низ улиците на Сеута. Многумина извикувале „Да живее Шпанија!“. Од шпанската страна немало доволно полицајци, а мароканските граничари не се ни обиделе да ги запрат мигрантите.
Хуан Хесус Вивас, претседателот на енклавата Сеута, прогласи тотална хуманитарна и социјална вонредна состојба. Тој истакна дека камповите се преплавени, а во изминатите неколку месеци морето исфрлило тела на најмалку 60 мигранти.
Во изминатите неколку дена, повеќе од 1.500 мигранти, како возрасни така и малолетници, пристигнаа во Сеута по морски пат. Центрите за прифаќање се преполнети. Во нив веќе нема место за никого. Според новите податоци, бројот на луѓе што влегуваат надминува 200 дневно, изјави Вивас.
Мигрантите се охрабрени од одлуката на социјалистичката влада во Мадрид да легализира статус на половина милион мигранти без документи. Мерката важи за мигрантите кои пристигнале во Шпанија до крајот на минатата година и престојувале одреден период, но илјадници други пристигнаа од Африка со надеж дека ќе останат во Европа.

Властите соопштија дека повеќе министерства се координирани за да одговорат на кризата. Наводно соработуваат и мароканските власти.
Зголемени се сите ресурси за да се гарантира безбедноста и контролата на миграцијата, како и неопходната хуманитарна помош, со цел да не се загрозат животи на море, објави Министерството за внатрешни работи.
Сеута, заедно со Мелиља – уште еден шпански автономен град лоциран во Северна Африка – ја имаат единствената копнена граница на Европската Унија со Африка.
Врховниот суд неодамна пресуди дека мигрантите пресретнати на море додека се обидуваат да стигнат до Сеута или Мелиља не можат да бидат вратени по скратена постапка поради посебниот режим за одбивање на влез на границата на овие енклави.

Омар Наџи, претседател на Мароканската асоцијација за човекови права во источен Мароко, оцени дека одлуката на Врховниот суд го поттикнала новиот бран насилни преминувања.
Наџи потсети на мигрантската криза од мај 2021 година, која беше поттикната од политички судир. Мароко тогаш ги олесни граничните контроли откако Мадрид дозволи во шпанска болница да се лекува Брахим Гали, лидерот на фронтот Полисарио, кој се залага за независност на домородниот народ Сахрави во Западна Сахара.