Твитер ќе дозволи да наплаќаш пари за своите твитови

Една од новите опции што ги најави Твитер се вика Супер фолоус, и во основа им дозволува на корисниците да почнат да наплаќаат пари за пристап до некои или сите од своите твитови, нешто како Онлифанс за твитерџии.

Во пакетчето новини, освен наплаќањето, е и можноста за корисниците да креираат или да се приклучуваат кон групи врз основа на нивните конкретни интереси.

Опцијата за наплаќањето секој ќе може да ја користи како што мисли (дали за бонус твитови или пристап до некоја дополнителна содржина), а на Твитер му е важно „креаторите“ да почнат да ја третираат социјалната мрежа како место на кое ќе можат директно да извадат пари, работа што до сега за нив главно ја вршеше Патреон.

Групите, официјално „Communities“, наликуваат на Фејсбук групи, и во нив луѓето можат да се приклучуваат по основа на некој свои интерес (или омраза). Пример, во комбинација овие две опции ќе му овозможат на корисник да направи група, па потоа да наплаќа за пристап до нејзе.

За сега, нема најава кога новините ќе бидат пуштени во оптек.

26 февруари 2021 - 10:01