Последниве пет години интернет стартап културата истовремено и доживеа огромен бум и созреа како модел по кој потентни идеи брзо можат да дојдат до другите елементи кои се потребни за пазарен успех.
Некои сметаат дека вообичаениот жаргон кој се установи меѓу светски стартапџии е пречка за дополнителен развој и дека користените термини многу малку им значат на обичните луѓе. Денес не постои конференција или собир на оваа тема а да не е полна со термини како клауд, синергија, платформи, дисруптивни технологии, енд -ту-енд солуции.....
Зборови кои звучат учено и модерно но не значат баш многу бидејќи после една презентација полна со такви термини, на човек не му е најјасно со што всушност се занимава компанијата.
Терминот клауд можеби звучи скапо и модерно но тоа само значи дека нешто е на интернет. Затоа, на полно компании им е поштосно да кажат дека се на клауд отколку дека се на интернет.
"Во обид да звучат паметно и да привлечат инвеститори, или пак просто за да ги маскираат своите здодевни производи, стартапите пречесто се потпираат на само-доволниот жаргон со кој одвраќаат луѓе кои би можеле да им бидат потенцијални корисници, пишува Џош Хорвиц за Кварц.
Мајкл Бергман е еден типичен пример за тоа. Тој е 35 годишен Германец, има стартап производ кој се вика Indy Cloud, а го опишува како "ноу хау синергиска платформа".
ОК.
Инди Клауд е всушност веб апликација (тоа е "клаудот") која е своевидна алтернатива на Екселот на Мајкрософт и има дузина згодни финеси (на пример, ако на една фирма ѝ го смениш седиштето во еден документ, ќе ги апдејтира податоците во сите други документи).
Но, Бергман не е најсреќен со тоа да биде алтернатива на Екселот и инсистира дека неговиот Инди Клауд поседува "датабаза солуции". И дека е "реактивна".
"Мислам дека најпрецизната и најконцизната дефиниција без користење жаргон би била дека Инди Клауд веројатно е ERP," вели Бергман.
Инаку, ERP означува "enterprise resource planning" решенија." Ете, до толку не можат да избегаат од таквиот стил.
Ако мислите дека го имате совладано сиот тој жаргонски галиматијас, обидете се да одговорите на прашањето за каквa фирма се работи според следниов опис:
"Disruptive consumer brand with state of the art customization technology with original content platform."
Да, за фирма која прави часовници.