Претседателот на надлежниот комитет на британскиот парламент, пратеникот Демиан Колинс, нагласува неколку „клучни работи“ во воведната забелешка.
Според него:
- Фејсбук им дозволува на одредени компании да задржат „целосен пристап“ до податоците за пријателите на нивните корисници, дури и откако ги објавија промените на нивната платформа во 2014/2015 со кои се ограничува кој што може да гледа.
- Фејсбук е свесен дека апдејтот на нивната апликација за Андроид кој ќе дозволува собирање на информациите за телефонските повици и за пораките, ќе биде контроверзен.
„За да избегне каков било лош ПиАр, Фејсбук планира да отежне максимално што може за корисниците да дознаат дека ова е една од можностите на апликацијата,“ пишува Колинс.
- Фејсбук користи податоци обезбедени од израелската компанија за аналитика, Онаво, за да утврди кои други мобилни апликации се даунлодираат и се користат од јавноста. Потоа ова знаење го користи за да утврди кои апликации да ги купи или да ги третира како закана.
- Има докази дека тоа што Фејсбук одбил да споделува податоци со одредени апликации, довело до нивно пропаѓање и затворање.
- Има обемна дискусија околу финансиската вредност од давање пристап до податоците на пријателите на корисниците.
Меѓу мејловите има и кореспонденција меѓу Фејсбук и неколку други технолошки компании, каде социјалната мрежа се сложува да ги додаде нивните апликации на „бела листа“ на која и е дозволено да добие пристап до податоци на пријателите на корисниците.
На списокот се:
- Сервисот за лични контакти - Баду.
- Сервисот за превоз - Лифт.
- Нетфликс.
- Ербиенби
Од друга страна истата оваа услуга им е ускратена на компании како Ербиквити, Тикетмастер и Вајн.
Токму сервисот за кратки видеа на Твитер, Вајн, е дел и од друга преписка, во која компанијата гледа уште во старт да го сосече.
Џастин Ософски, потпретседател на Фејсбук:
„Твитер денес го лансираше Вајн кој ти дозволува да снимаш повеќе кратки видео сегменти и од нив да направиш едно видео од 6-секунди... Освен ако некој нема некои забелешки, ние ќе го укинеме нивниот пристап до АПИ-то за пријатели. Подготвивме и реактивен ПиАр...“
Марк Закерберг:
„Аха, терај.“
Во однос на апдејтот за Фејсбук апликацијата за Андроид, кој треба да има пристап до листата на повици на корисниците, продукт менаџерот на Фејсбук Мајкл Лебо, пишува:
„Како што знаете нашиот тим за раст планира испорачување на апдејт на пермисиите на Андроид на крајот од месецот. Тие ќе ја вклучат и пермисијата 'прочитај листа на повици'... Ова е прилично високо-ризична работа да се направи од ПиАр перспектива ама изгледа дека тимот за раст сепак ќе ја спроведе.“
Закерберг размислува и за воведување претплата за Фејсбук, но се предомислува плашејќи се дека тоа ќе го намали растот на нови корисници и општо ширењето на мрежата.
„Прашањето е дали би можеле да наплаќаме а и понатаму да постигнеме сеприсутност. Теоретски, кога би можеле да го постигнеме тоа, би било подобро да постигнеме сеприсутност и да ни плаќаат. Јас чувствувам дека би можело да има некоја цена што би можеле да ја наплатиме а да не ни попречи во сеприсутноста, меѓутоа оваа цена нема да биде доволна за да направиме вистински пари. И спротивно, веројатно би можеле да направиме вистински пари доколку сме подготвени да ја жртвуваме сеприсутноста, ама тоа не ми изгледа како паметна трампа.“