Во Извештајот за криминалот на интернет во 2025 година, ФБИ објави дека Американците биле оштетени за 20,87 милијарди долари. Тоа е 20 пати поголема штета отколку во 2015 година. Бројот на пријави во истиот период, се зголемил од 288.000 на над 1 милион.
Најголеми загуби пријавиле граѓаните што поднеле жалби поврзани со криптовалути. Во 2025 година имало 181.565 жалби за украдена сума во вкупен износ од над 11 милијарди долари.
Околу 70 милиони возрасни Американци, односно околу 30% од возрасната популација во земјата, поседуваат криптовалути. Една третина од сопствениците се на возраст помеѓу 33 и 44 години.
Жалбите поврзани со криптовалути се зголемија за 21% од 2024 година, со просечна загуба од 62.604 долари. Луѓето почесто се цел на измамници кои ги насочуваат да вршат плаќања преку крипто банкомати. Во некои случаи, фиктивни адвокатски фирми ги таргетираат жртвите на измами со криптовалути и ги експлоатираат со лажни понуди за враќање на средствата, објасни ФБИ.
Од декември 2025 година, ФБИ пресретнала и спречила кражби на криптовалути од 8.103 сопственици во вкупна сума од 511 милиони долари. 77% од луѓето не биле свесни дека се измамени.

Првпат во 25-годишната историја извештајот за кибернетски криминал опфаќа и дел посветен на вештачката интелигенција. Лани имало 22.364 жалби поврзани со измами со ВИ, со вкупна пријавена штета од 893 милиони долари.
ФБИ предупредува дека синтетичките содржини генерирани со алатки со ВИ сега сè полесни за создавање и сè потешки за откривање. Овие содржини им отвораат нови можности на криминалците да спроведуваат шеми за измами и изнуди од поединци, бизниси и финансиски институции. Злонамерните актери користат генератори за да создадат имејлови што изгледаат како официјални, често пати со лажни пораки за уплаќање пари, или со линкови што овозможуваат упад и кражба на приватни податоци.
Криминалците за жртви најчесто ги избираат Американците постари од 60 години. Луѓе на оваа возраст лани поднеле рекорден број од 201.266 жалби, за вкупни загуби од 7,7 милијарди долари, што е за 59% повеќе во споредба со претходната година. Околу 12.500 луѓе пријавиле дека и биле украдени криптовалути во вредност над 100.000 долари. Шемите насочени кон постари лица вклучувале инвестициски и „романтични“ измами и лажно претставување во име на властите.
ФБИ ги советува граѓаните повнимателно да го проценуваат ризикот од сомнителните пораки на интернет, особено ако од нив се бараат пари или лични податоци.