Пресудниот ден ќе биде 14-ти декември, кога по партиска основа, републиканците во американската Федерална комисија за комуникации, најверојатно е дека ќе го изгласаат укинувањето на заштитата на нет-неутралноста чие само постоење го нарекуваат „претерано мешање на ФЦЦ од ерата на Обама.“
Аргументите во корист на нет-неутралноста се идентични и исто важни како и во изминатите рунди од оваа битка од минатите години: интернет провајдерите ќе можат да одредуваат на кој сајт колку брз интернет ќе му пуштат, ќе биде загрозена слободата и отвореноста на интернет која дозволи создавање на успешни компании како Гугл и Фејсбук (пр. утре ако си старт-ап како Гугл, провајдерот ќе може да ти наплаќа по корисник за секој што ќе дојде на твојот сајт).
И сега и тогаш, јавноста подеднакво ги мрази џиновските телеком оператори што им служат интернет, кои истурија еден тон пари за лобирање и кои ќе видат најголем ќар од укинувањето на нет-неутралноста.
Она што сега се разликува е што јавноста повеќе не е ни приближно маѓепсана од компаниите кои денес владеат со интернетот како Фејсбук и Гугл.
„Популарноста на нет-неутралноста отсекогаш се потпираше на јавното задоволство со животот на интернет, и со бизнис праксите зад него. Во спротивно, не би имало причина тоа да се заштити од претпоставеното уништување.
До неодамна, ова задоволство беше речиси универзално. Компании како Гугл и Фејсбук уживаа општонародна доверба и поддршка. Тие често пати ги имаа истите ’слободни и отворени’ вредности кои се славени од поборниците за нет-неутралност. Наспроти нив, сите сакаат да ги мразат големите телекоми како АТ&Т, Комкаст и Веризон, олигополи од старата економија со ужасна корисничка услуга и високи цени за просечни услуги.
Меѓутоа, сето тоа се измени минатава година како што почнаа да се редат безбедносни пропусти, прекршување на приватноста, мешање во изборите, нееднаквост на богатството и цела серија други грижи кои ја соголија репутацијата на технолошкиот сектор.
Пример, на истиот ден кога ФКК објави план за укинување на нет-неутралноста, се дозна дека Андроид уредите постојано му ја испраќаат на Гугл локацијата на своите корисници дури и кога ГПС сервисот е изгасен. Или дека Убер наводно им плати 100.000 долари на хакери за да го прикрие протекувањето на информации од 57 милиони корисници.
Миленик на јавноста во времето на Обама, кога нет-неутралноста беше освоена, технолошката индустрија стана ’Биг теч’, агресорска индустрија налик големите фармацевтски, нафтени или тутунски компании...
... Нет-неутралноста е од корист за јавноста обезбедувајќи еднаков пристап за сите до он-лајн услугите. Ама и да е така, влијанието што Биг теч го има врз овие сервиси ја поткопува самата слобода и отвореност што овие сервиси ја нудат...
... Локални продавници мора да ја менаџираат својата видливост во резултатите на Гугл, или да плаќаат реклами за на интернет да се натпреваруваат со големи компании како Амазон. Рестораните мора да внимаваат да ги има на Гугл мапс и Јелп. Создавањето мобилни апликации бара плаќање регистрација за истите да се најдат на листите на продавниците за апликации на Гугл или Епл,“ пишува Иан Богост во анализата за Атлантик.