Мета мора да ги промени алгоритмите во Холандија

Холандски суд ѝ наложи на Мета да направи структурни промени на своите платформи Фејсбук и Инстаграм, зашто корисниците немаат овластувања самостојно и слободно да ги исклучат алгоритмите за препораки. „Неприфатливо е неколку американски технолошки гиганти да диктираат како корисниците во Европа ја гледаат содржината“, тврди групата што ја тужеше Мета.

Одлуката на холандскиот суд претставува преседан бидејќи директно ја оспорува практиката на автоматско алгоритамско прикажување на содржината како „стандарден“ избор. Доколку одлуката преживее во повисоките судови, таа би можела да влијае на начинот на кој функционираат социјалните мрежи низ цела ЕУ.

Според пресудата, Мета мора да им дозволи на корисниците во Холандија како траен стандарден избор, а не само привремена алтернатива, да изберат верзија на платформата што не е базирана на алгоритамско профилирање. Компанијата на Марк Закерберг се соочува со казна од 100.000 евра дневно за непочитување на прописите, до максимален износ од 5 милиони евра.

Организацијата за дигитални права Bits of Freedom, која го покрена случајот, тврди дека вградениот алгоритам може да врши влијание врз корисниците како да гласаат на претстојните избори.

Неприфатливо е неколку американски технолошки гиганти да диктираат како корисниците во Европа ја гледаат содржината. Таа концентрација на моќ претставува ризик за нашата демократија, објави организацијата.

Мета најави дека ќе се жали на одлуката. Укажувајќи на сложениот систем на толкувања на правилата од Законот за дигитални услови, компанијата бара ЕУ да има униформен пристап на регулативите, а не да ги остава прашањата на националните судови. 

Правната рамка на DSA ја регулира работата на големите технолошки компании од 2022 година и вклучува казни и обврски во областите на приватноста, транспарентноста на алгоритмите, заштитата на малолетниците и безбедноста на податоците. Европската комисија веќе казни големи компании како Епл, Мета и Алфабет за кршење на овие правила.

13 октомври 2025 - 12:42