Менувајте пасворди, хакнати се 16 милијарди логирања

Пред неколку дена корисници на Фејсбук, Инстаграм, Гугл и Епл се пожалија дека имаат проблеми со своите сметки а подоцна истражувачи потврдија дека имаме работа со најголемото пробивање на податоци досега, со податоци за неверојатни 16 милијарди најавувања. Да, сосе лозинки. На интернет корисниците топло им се препорачува да ги сменат лозинките и да подигнат ниво на заштита на своите сметки.

Истражувачите на Cybernews, онлајн технолошка публикација, соопштија дека пронашле 30 сетови податоци полни со акредитиви собрани од тип на малициозни софтвери кои се нарекуваат “infostealers” („крадци на информации“) и од протекувања.

Рекоа дека сетовите податоци биле изложени на ачик „само накратко“, но и тоа е доволно за луѓето да не се чувствуваат безбедни со актуелните подесувања на своите сметки. 

Првичното откритие на проблемот се однесуваше на десетици милиони, па се зборуваше за  3,5 милијарди, за сега да се дојде до цифра од 16 милијарди компромитирани записи.

Гигантите како Фејсбук, Епл и Гугл соопштија дека засега немаат регистрирано „централизирано кршење на податоци“ кај нив.

Боб Дјаченко, украински специјалист за сајбер безбедност кој стои зад истражувањето вели дека 85% од податоците се од инфостилери а 15% од проблеми со протекувања како што им се случи на ЛинкдИн. 

Се препорачува да ги смените лозинките, да користите повеќефакторска автентикација, да го поврзете логирањето со податок од друг уред (код добиен на телефон), да користите пасворд менаџери или пас-клучеви какви што нудат Гугл и Мета.

Можете да проверите дали вашиот меил бил „натртен“ на следнава адреса:

https://haveibeenpwned.com/

Притоа, можете да откриете интересни/снеможувачки факти, како во нашиот случај, дека меиловите своевремено ни биле изложени заради пропуст на сервис за валидација на меил адреси. 

А за да не влезете во тотална параноја, накривете капа. Ќе нема бегање од вакви срања.

22 јуни 2025 - 11:22