Како да се победи на ЈуТјуб

Победата на ЈуТјуб е во создавање на вирално видео, а за да дојдеш до тоа ти треба уметност, познавање на интернетот, среќа и многу пари за да можеш да купиш реклами. Ама ништо од ова нема да ти помогне ако имаш глупо видео.

ЈуТјуб има сопствен ранг за агенциите кои објавуваат видеа на сервисот и се базира само на видео рекламите кои се објавени само на интернет (без тв и други медиуми). Агенциите генерално не се борат да бидат на оваа листа, туку нивниот главен проблем е како да стигнат до вирално видео, кое во рок од неколку денови ќе завладее со интернетот (се додека не ги замени некое друго, уште по вирално).

"Не можеш да направиш вирално видео. Секој што вика дека може, лаже. Најмногу што можеш да направиш е да му ги подобриш шансите," изјавил одговорниот за дигитални медиуми на ОМД (Optimum Media Direction), Бен Винклер.

Во случајот со ОМД тие објаснуваат дека обично купуваат по 2 до 3 милиони прегледувања на видеото: "Се под ова нема да помогне во ширењето на пожарот. Се над ова, и плаќаш за импресии кои и онака би ги добил, и дополнителниот трошок не вреди."

Винклер објаснува дека во случајот со видеото за Пепси Макс со НАСКАР возачот Џеф Гордон, тие уште на почетокот од кампањата престанале да плаќаат затоа што видеото брзо добило на сила.

За разлика од ОМД, Wieden & Kennedy (момците зад Олд Спајс рекламите) не се толку расположени да плаќаат за ширење на видеото, туку повеќе следат како луѓето го споделуваат видеото и како реагираат на него преку социјалните мрежи и големите интернет страни.

"Можеш да натераш милиони луѓе да го гледаат видеото, ама не можеш да ги натераш да им се допадне. Ако единствената цел ти е луѓето да ја изгледаат рекламата, тогаш за тоа е телевизијата," објаснува Винклер од ОМД.

17 февруари 2014 - 12:40