Фејсбук како љубоморен дечко

Затоа што не беше доволно тоа што Фејсбук памти сè што некогаш сте напишале или објавиле на него, сега ќе почне и да слуша што зборите додека мобилниот е покрај вас.

"Прислушувањето" е дел од новата опција на мобилната апликација на Фејсбук за препознавање на музика и телевизиски шоуа / серии.

Оваа опција автоматски го вклучува микрофонот на мобилниот (кога ќе биде вклучена апликацијата) и регистрира се што се случува во околината. Идејата е дека откако ќе ја чуе и препознае (на пример) музиката, на крајот од вашиот статус додава "Ги слуша Артик Манкис" или што и да ечи во моментот околу вас.

Она со што луѓето имаат проблем е што истата оваа опција може да ги снима и разговорите исто како што ја регистрира музиката. И тоа, овој проблем го имаат до сега 530.000 луѓе кои ја потпишале петицијата против опцијата.

Обидувајќи се да ја смират паранојата, од Фејсбук објаснуваат дека опцијата не е задолжителна, и дека слушањето ќе биде активирано само во периодот на пишување на статусот. Тие посебно нагласуваат дека воопшто не се заинтересирани за вашите разговори и дека апликацијата воопшто не ги зачувува снимките.

"Еве како работи: ако одбереш да ја вклучиш опцијата, кога пишуваш статус, апликацијата го претвора секој препознатлив звук околу тебе во аудио отпечаток на телефонот. Овој отпечаток се испраќа до нашите сервери кои се обидуваат да го споредат со нашата база на аудио и ТВ отпечатоци. Системот е направен да не ги зачувува отпечатоците на кој било период. Плус, овие отпечатоци не можат да бидат претворени во оригиналното аудио, бидејќи не содржат доволно информации," објаснуваат од Фејсбук.

5 јуни 2014 - 13:27