Луѓето на Фејсбук утврдиле дека секцијата „трендинг“ е сè помалку користена од нивните корисници па се решија да не го камшикуваат мртвиот коњ.
Своевремено ја водеше редакција од неколку десетина луѓе но испадна дека не го можат Трамп. Гизмодо во 2016 го обелодени скандалот дека таквата редакција бааги скршнувала на лево, тоест дека пикале под тепих популарни конзервативни вести кои реално биле трендинг, ама на овие не им биле по политички ќеиф.
Беа набркани а работите ги преземаа алгоритми кои објективно проценуваа што на платформата е трендинг. Ама па нив ги пореметија велешани и други кои со лажни вести и наслови за лаковерни почнаа да ги шебаат како што сакаат.
Потоа и тие дупки Фејсбук почна да ги затвора но се дојде во ситуација кога таа алатка веќе никој не ја користи. Дел од причините за падот на нејзината популарност е и во тоа што не е веднаш видлива на апликацијата и мобилната верзија, главните начини на кои се користи Фејсбук.
„Нашето истражување покажа дека овој сервис е корисен за сè помал број луѓе“, изјави шефот на секцијата за вести на Фејсбук, Алекс Хардиман, кој не откри дали сепак секцијата генерираше повеќе сообраќај кога ја водеа луѓе.
Има и нешто друго скокотливо во оваа вест, фактот дека сервис која ти кажува што е популарно, излегол од популарноста.