Терминот што овој пат беше избран за укинување на нет неутралноста е периодот околу Денот на благодарноста, еден од ретките продолжени неработни викенди во САД. Овој пат предводник против еднаквиот интернет за сите беше претседателот на ФЦЦ, Аџит Паи, инаку поранешен адвокат на Веризон, една од компаниите која страшно напиња за укинување на нет неутралноста.
Џејкоб Силверман во Њујорк магазин, објаснува дека „како кауза зад која треба да се застане, нет неутралноста е трновита.“ Односно дека поборниците за нет неутралност во најголем дел бараат да не се направи ништо во врска со интернетот и целиот сообраќај да се третира еднакво, како што е сега случај.
„А секако има бројни причини за да бидеш незадоволен со состојбата на денешниот интернет. Најголемиот дел од дигиталната економија, доминиран од Епл, Амазон, Фејсбук, Гугл и Микрософт, тешко дека е пример за демократски поредок.
Најсилната страна на дигиталната економија е собирањето на нашите лични податоци и доделување на нашето внимание на оној што најмногу ќе плати преку сомничавите мрежи за продажба на реклами.
Поларизираниот он-лајн дискурс во голем дел се должи на тоа како платформите за рекламирање нè сместуваат во различни силоси. Моќта на алгоритмите за сортирање значи дека интернет корисниците никогаш нема да видат реклама или статија која не им ласка на нивните чувства. Потрошувачите станаа се потранспарентни кон моќните корпорации чие политичко влијание расте паралелно со тоа колкаво влијание имаат врз нашиот личен живот.
И ова е наводно неизбежниот статус кво што ние се обидуваме да го задржиме,“ пишува Силверман.
Прашањето има и крајно идеолошки корени, па Републиканците не можат да се помират со тоа државна агенција, ФЦЦ, да ја одредува иднината на интернетот, како што не можат да се помират дека државата би требала да регулира што било освен најосновните прашања, и наместо тоа сакаат сè да префрлат на приватниот сектор, во конкретниов случај телекомуникациските корпорации. Едно од решенијата на „отпорот“ е да се врши притисок врз конгресмените кои пак би требало притисокот да го пренесат врз ФЦЦ и да ги спречат во нивната намера, „ако имаме среќа ќе можеме да го задржиме она што го имаме и подоцна да се надеваме на подобар исход, кога политичките ветрови ќе се свртат.“
„Има термин за ваквото поставување на моќта: рекетирање. Гледам имате фин интернет - би било штета ако нешто му се случи.
Потрошувачите немаат никаква способност да предизвикаат позитивни и напредни промени; тие можат само да ги молат властите да бидат оставени на мира. И ние, на некој начин, благодарејќи на ваквиот бескраен циклус сме наведени да се чувствуваме благодарно што сме успеале го одржиме дури и овој длабоко компромитиран интернет што го имаме.
На другата страна, е една длабоко навредлива логика, во која ни кажуваат дека бараните промени се прават во наша корист... Дека само со ослободување на интернет провајдерите од мачни правила од ерата на Обама ќе ја ослободиме моќта на иновација која направи целиот свет да љубомори на Силициумската долина...
... Во оваа арена, јавноста и понатаму учи како изгледа моќта, како се бориме против неа, и кои права треба да ги бараме. Има многу што е за восхит во принципот на нет неутралноста, со нејзината етика на непристрасност, дури и покрај тоа што интернетот кој го брани е со сериозни маани. Сепак, нет неутралноста е загубена битка, која се води за да се зачува расипан систем кој мораме да научиме соодветно да го критикуваме. Само со артикулирање на нови права - да не бидеш следен, да не бидеш дискриминиран онлајн, да имаш контрола врз сопствените податоци - тие можат да бидат обезбедени,“ пишува Силверман.
***
- Видео објаснување на нет неутралноста, тука