175.000 долари за бришење на срамот од интернет

Универзитетот на Калифорнија, Дејвис, плати најмалку 175.000 долари за да го избрише од веб пребарувачите инцидентот со полицаецот кој ги прска седнатите студенти демонстранти.

Во 2013-та, речиси две години по инцидентот, претставниците на Универзитетот ги ангажираат СЕО консултантите Невинс енд асошиејст на 6-месечен рок по цена од 15.000 долари месечно. Нивна задача е од интернет пребарувачите да се отстранат сите ставки поврзани со инцидентот и да се поправи онлајн репутацијата на Универзитетот. Ова е првата од повеќе вакви компании што Универзитетот ги ангажира.

Информацијата за зделката ја објавува весникот Сакраменто Би по прегледување на финансиските документи на Универзитетот. Според нив сумата од 175.000 долари е минимумот за кој можат да потврдат дека е платен за оваа услуга.

"Бројките на Универзитетот Калифорнија, Дејвис покажуваат дека буџетот за стратешки комуникации им се зголемил од 2,93 милиони долари во 2009-та на 5,47 милиони долари во 2015-та," објавува весникот, појаснувајќи дека од оваа ставка од буџетот се платени консултантите за СЕО.

14 април 2016 - 16:38