Објаснувајќи го потеклото на терминот „стокхолмски синдром“, Џамил Андерлини од Фајненшл тајмс раскажува како неодамна бил поканет во Хонгконг од тамошни меѓународни бизнис директори за да ги разговараат постапките на Кина за задушување на немирите во градот.
„Неколку од овие директори кои потекнуваат од демократски општества, изјавија дека го сметаат слободниот печат за нивен најголем непријател.
За нив проблемот не беше ерозијата на човековите права и слободи во она што е еден од најдинамичните финансиски центри во светот. Проблемот беа досадните новинари кои имаа смелост да известуваат за овие настани и со тоа да ги убедат централите да престанат да инвестираат во градот,“ пишува Андерлини.
Иако признава дека е чудно компании кои успешно работат и прават пари во Кина да се опишат како заложници, Андерлини потсетува дека секоја од овие компании во своето секојдневно работење во Кина се соочува со „кражба на интелектуална сопственост, непредвидливи и штетни нови политики, интрузивен надзор од тајната полиција и закана за апсење на вработени по основа на најобични бизнис спорови.“
„Затоа што Пекинг казни толку многу компании и држави заради најразлични политички ставови, голем број од меѓународните компании во Кина се чувствуваат како заложници.
Меѓутоа тие за тоа обично ги обвинуваат политичарите или медиумите или групите за човекови права од своите родни држави за тоа што ги вознемируваат нивните киднапери.
Компании како Фолксваген, Епл, Старбакс, Најк, Интел, Куалком, Џенерал моторс и Х&М сите се потпираат на огромниот и растечки кинески пазар. Најразлични западни компании, вклучувајќи неколку од споменатите, јавно или приватно лобираат во име на истите власти кои ги држат како заложници во Кина,“ објаснува Андерлини.
Подаништвото на западните компании во Кина се очекува само да еволуира, па повеќе не е доволно само да се молчи за најразличните проблеми и неправди во земјата, туку сега ќе треба да се „учествува во наметливи прикази на верност и да се помогнат глобалните пропагандни напори.“