Воук рецепт за самоуништување

Продажбата на Јагуар нагло падна откако легендарната британска компанија ја исфрли мачката од логото и мускулестите машини ги претвори во барби-аутца, шокирајќи ги своите фанови. Компанијата потврдува дека продажбата паднала речиси до нула, но и објаснува дека тоа е планирана последица од ребрендирањето и од уште поризичниот потег да замине „ол ин“ во воук универзумот.

Во април годинава биле регистрирани само 49 нови возила Јагуар, во споредба со 1.961 продадени автомобили во истиот месец лани, според Европската асоцијација на производители на автомобили. Од јануари до април биле продадени 2.665 возила, што е пад од 75%. 

Ова се толкува како реакција на одлуката на британскиот симбол за луксузни автомобили во ноември да го промени дизајнот на логото, на автомобилите, па и на нивниот погон. Јагуар, кој сега во сопственост на индиска фирма, сака да освои нова генерација и нова класа купувачи. 
Редизајнот беше поткрепен со визуелна кампања со модели за кои тешко може да се препознае дали се мажи или жени.

Традиционалните вљубеници беа огорчени. Калифорнискиот дизајнер Џозеф Алесио рече дека кампањата „ќе се предава како пример како да не се прави ребрендирање“, а Илон Маск, газдата на Тесла, подбивно ги праша: „Дали продавате коли?“, бидејќи на спотовите немаше ниту една.

Јагуар одговори уште во декември – ќе прави коли на електричен погон наменети за супербогатата елита. Целта е да го фати на време рокот од 2035 година, кога Британија планира да забрани продажба на нови возила на дизел и бензин.

Компанијата објасни дека продажбата вртоглаво паѓала со години, па бил договорен целосен пресврт во стратегијата. Во финансиската 2024/2025 година Јагуар глобално продал само 26.862 возила, што е пад од 85% во споредба со 2018 година.

Во однос на вториот пад од 97,5% Јагуар вели дека е точен и очекуван од причина што производството било прекинато кон крајот од 2024 година како дел од планираната транзиција кон исклучиво електрични возила. Проблемот е што доцни промоцијата на идниот водечки модел GT, за кој се надева дека ќе биде достапен до крајот на оваа година, за цена од околу 200.000 долари на американскиот пазар.

Тогаш ќе биде појасно дали ќе се исплати коцкањето со брендот заради привлекување помлади возачи со поголема еколошка свест и подлабоки џебови, откако ѝ то сврте грбот на старата класа, која му беше верна 89 години.

******
Види и: Јагуар се ребрендира и тоа не минува баш мазно

Ребрендирањето на Јагуар е симбол на паниката на авто-индустријата

4 јули 2025 - 15:35