Трамп има голем ќар од форсирањето на ВИ

Технолошката трка со Кина не е единствената причина поради која Трамп се спротивставува на повиците за забавување на развојот на вештачката интелигенција. Освен за доминацијата на САД, загрижен е и за неговата семејна бизнис империја, која сè повеќе е испреплетена со инвестицискиот бум во новата индустрија, покажува анализа на „Вашингтон пост“.

Мрежата на инвестиции на семејството Трамп се преклопува со една од најзначајните политички дебати со кои се соочува неговата администрација: колку агресивно треба владата да одговори на брзиот напредок во вештачката интелигенција.

Неколку фактори играат улога во напорите на Трамп за брз развој на ВИ, пишува „Вашингтон пост“. Тој се опкружи со технолошки директори и инвеститори кои се залагаат владата да го забрза развојот на ВИ, вклучувајќи го и ризичниот капиталист Дејвид Сакс, извршниот директор на Nvidia, Јенсен Хуанг, и директорот на Meta, Марк Закерберг. Претседателот се плаши да не отстапи економска и технолошка предност на Кина и ги истакнува рекордните максимуми на берзата, кои се силно поврзани со инвестициите во фирмите за вештачка интелигенција.

Но, Трамп исто така има личен финансиски интерес во оваа индустриска гранка, што создава потенцијални судири на интереси додека неговата администрација носи одлуки што би можеле да влијаат врз вредноста на тие инвестиции. За разлика од претходните претседатели, Трамп не ги префрлил своите средства во „слеп“ фонд и продолжил да купува и продава акции додека е на функција. (За ова опширно пишувавме во мај: „Додека претседателот Трамп командува, Организацијата Трамп купува акции“).

Откако е воспоставен овој систем на законски одредби за судир на интереси, ниту еден претседател не управувал со своите финансии на овој начин. По аферата „Вотергејт“ тие настојувале Американците да веруваат дека претседателот го прави она што е во најдобар интерес на земјата, вели Дон Фокс, шеф на Канцеларијата за владина етика во администрацијата на Барак Обама.

Кога беа објавени финансиските извештаи за 2025 година, Трамп го објасни својот приход од повеќе од 2 милијарди долари на максимумите на финансиските пазари.

Знаете зошто профитирам? Бидејќи берзата расте. Сите профитираат, изјави Трамп.

Инвестициските сметки на Трамп открија речиси 30.000 трансакции со хартии од вредност откако се врати во Белата куќа, вклучувајќи многу купувања и продажби на акции во компании кои ги снабдуваат чиповите, серверите и енергетската инфраструктура што го поткрепуваат бумот на вештачката интелигенција. Според владините извештаи, Трамп купил акции во компании како што се Dell Technologies, Micron Technology и GE Vernova. Профитот на овие компании е поврзан со огромните вложувања во инфраструктурата за компјутерска обработка и електрична енергија, неопходни за развој и функционирање на напредни системи за ВИ.

Акциите на сите три компании забележаа пад откако технолошки лидери предупредија на ризиците од брзиот развој на сè помоќни системи за ВИ. Трамп веднаш ги отфрли нивните предупредувања и се заложи за уште побрз развој на технологијата.

Единствената неопходна заштитна ограда за вештачката интелигенција е СИЛЕН И ПАМЕТЕН (висок коефициент на интелигенција!) ПРЕТСЕДАТЕЛ, порача Трамп.

Неговите синови - Доналд Трамп помладиот и Ерик Трамп, се инвеститори во голем број потфати со ВИ и центри за податоци, првенствено преку фирмите 1789 Capital и American Ventures. Трамп помладиот е партнер во 1789 Capital, фирма за ризичен капитал со седиште во Флорида, која објави фонд од 1,2 милијарди долари кој ќе се фокусира на потфати со недвижности, насочени кон дигитална инфраструктура како центри за податоци. Откако Трамп се врати на функцијата, фирмата реализираше бројни инвестиции во компании поврзани со ВИ и нејзината придружна инфраструктура, вклучувајќи ги Cerebras Systems, Perplexity и xAI на Маск, која подоцна се спои со SpaceX.

Ерик Трамп инвестира преку American Ventures - гранка на специјализирана инвестициска банка Dominari Holdings - во компании што работат во секторите одбрана и роботика, вклучително и Space-Eyes, која користи ВИ за обработка на податоци од сателити и други сензори.

Еден месец откако нивниот татко се врати во Белата куќа, Трамп Помладиот и Ерик Трамп ја покренаа и иницијативата American Data Centers, чија цел беше да го поддржи развојот на инфраструктура за ВИ. Таа компанија потоа се спои со American Bitcoin – операција за рударење дигитални средства во која мнозински сопственик е Hut 8, компанија за крипто-инфраструктура која развива огромен проект за центар за податоци во Тексас.

******
Види и: Синовите на Трамп вадат профит од рударскиот дил на САД со Казахстан

21 септември 2026 - 10:17