Синовите на Трамп вадат профит од рударскиот дил на САД со Казахстан

Инвестициски фирми поврзани со синовите на претседателот Трамп и министерот за енергетика Лутник имаат удел во стратегискиот договор со Казахстан од 1,6 милијарди долари за експлоатација на волфрам. Овој метал е од критична важност на САД за производство на чипови, сензори, муниција и одбранбени системи

Претседателот Доналд Трамп и министерот за трговија Хауард Лутник лично го договориле проектот според кој американска компанија, со голема финансиска поддршка од државата, ќе добие право да експлоатира руда на волфрам од Казахстан. Додека министерот Лутник и казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев ги договарале деталите во њујоршки хотел, Трамп бил директно на телефонска линија.

Правото ѝ припаднало на компанијата „Каз Рисорсис“, која добила поддршка од 1,6 милијарди долари од федералната администрација за пристап до веројатно најголемите светски резерви на волфрам – метал што се користи за производство на жички за светилки, но и за бојни глави во проектили, сензори во современите борбени авиони и компјутерски чипови.

Една недела пред склучувањето на договорот, удел од 20% во зделката добила компанијата за инвестиции „Доминари Секјуритис“ во делумна сопственост на Доналд Трамп Јуниор и Ерик Трамп. Откако Трамп се врати во Белата куќа, „Доминари“ ги ангажираше неговите синови како советници, давајќи им 10% од своите акции, во вредност од околу 7 милиони долари. Во исто време, компанијата „Кантор Фицџералд“, контролирана од семејството Лутник и надгледувана од Брендон и Кајл Лутник - синовите на министерот за енергетика - помогнала за да се соберат 210 милиони долари за зделката. Услугите за посредување му носат на „Кантор“ приходи од милиони долари.

Извори на весникот „Њујорк Тајмс“ тврдат дека најмалку 14 компании со финансиски врски со семејствата на Трамп и на Лутник посебно или заедно соработуваат со федералната влада во проекти за критични минерали, вклучувајќи го и оној во Казахстан. Договорите што веќе се склучени или се во завршна фаза од преговори имаат поддршка од над 8,9 милијарди долари од парите на американските даночни обврзници.

Белата куќа и Министерството за трговија, во одделни соопштенија ги отфрлија сугестиите дека администрацијата незаконски ги меша владините активности со семејниот бизнис на највисоките функционери.

Закрепнување на критичните синџири на снабдување на Америка е врвен приоритет за претседателот Трамп. Министерот Лутник и администрацијата преземаат историски мерки за да ја заштитат националната и економската безбедност на Америка, објави Министерството.

Главната алка помеѓу владиниот и приватниот бизнис е Пини Алтхаус, рабин кој пред неколку години се преселил од Австралија во САД и сега е извршен директор на „Каз рисорсис“. Тој објаснува дека преговорите со Казахстан почнале уште од времето на администрацијата на Џо Бајден и дека никогаш не се сретнал со синовите на Трамп и Лутник.

Поранешната советска република Казахстан се вклопи во стратегијата на САД со своите огромни нечепнати резерви на ретки минерали. Само резервите на волфрам се проценети на 80 милијарди долари. Американската инвестиција ќе овозможи да се копаат по 12.000 тони волфрам годишно, што би требало целосно да го покрие увозот во САД.

Волфрамот го нарекуваат „воен метал“ поради неговата примена во одбранбената индустрија. САД го затворија последниот рудник во Јута пред една деценија. И капацитетите во Казахстан се запуштени. По распаѓањето на Советскиот Сојуз беа откажани сите планови за отворање нови рудници. Тоа практично ѝ донесе на Кина глобален монопол врз производството. Пекинг лани строго го ограничи извозот и ја крена цената на металот за 6 пати.

За да ѝ парира на Кина, Трамп во својот втор мандат одобри 60 разни проекти за експлоатација на критични минерали во САД и во светот, за што од државната каса издвои вкупно 18,6 милијарди долари во форма на кредити и разни други гаранции. Ова е највисоката сума за таква намена во историјата на САД.

30 јуни 2026 - 14:42