Изминативе недели Тесла имаше серија проблеми, прво не го исполнија сопствениот таргет за производство на Модел 3, па уште еден човек загина во сообраќајка со Тесла во која беше активирано возењето со асистенција, а Маск започна јавна кавга со надлежните власти за безбедност. Од пикот во септември акциите на Тесла моментално се паднати за 24%.
Една од големите промени во визијата на Маск е што од стремење кон комплетно автоматизирање, сега премина на човечка работна сила, па од 899 вработени во 2010, денес компанијата вработува 40.000 работници. Само во 2017 за два пати ја зголеми својата вкупна работна сила, а од 2014 до 2017 таа беше зголемена за три пати. Маск неодамна призна дека „претераната автоматизација на Тесла беше грешка“ и дека „луѓето се потценети“.
По 14 години најневеројатни начини на собирање пари и уште побрзо трошење, Тесла 2017 ја заврши со готовина од 3,4 милијарди долари и достасан долг од 9,4 милијарди долари. Процените се дека на Тесла годинава ќе и требаат уште 2 милијарди долари, ама и дека до крајот на годината, достасаниот долг ќе порасне за уште 1,2 милијарди.
На толкава задолженост, Тесла само во последниот квартал има потрошено 146 милиони долари за плаќање камати.
Ако се следи толкувањето на Маск и Тесла, работите не се толку страшни, и компанијата ќе има позитивен прилив на пари во моментот кога ќе почне да произведува по 5.000 Модел 3 автомобили неделно, цифра што до сега е далеку од остварување.
Плус, благодарејќи на успехот да го наплати трпението на своите муштерии, Тесла моментално располага со 854 милиони долари во депозити за автомобили.
„Затоа што Тесла директно им ги продава своите производи на купувачите, без да зависи од мрежа дилери, овие депозити во основа служат како позајмици без камата - и овие позајмици знаат да траат и со години. Ако Тесла банкротира, луѓето ќе останат без депозити,“ се објаснува во текстот на Блумберг.
Меѓу депозитите се и пари за возила кои воопшто не се ни почнати да се произведуваат: Тесла камионот (депозит од 20.000 долари) и новиот Роудстер (или 50.000 долари депозит или 250.000 долари однапред за ограничената серија). Најголемиот дел од депозитите се резервации од 1.000 долари за Модел 3. Во моментов има најмалку 400.000 луѓе кои имаат платено резервација за Модел 3.
Тесла успева да вади пари од своите муштерии и за работи како „комплетно самостојно возење“ кое се уште не им е совладано, ниту го има некој од сопствениците на возилата, а сепак не познат број корисници за ова авансно имаат платено 3.000 долари.
Од 2008 до 2017 Тесла има заработено 1,3 милијарди долари само од законите во Калифорнија. Според тамошната регулатива сите авто-производители мора да продадат одреден број на возила кои не загадуваат (пример, целосно електрични возила) за што во замена добиваат регулаторни кредити. Оние кои нема да ја исполнат оваа квота, можат да купат кредити од други производители, како што е на пример Тесла. Така за околу 103 илјади продадени возила низ цел свет во 2017, Тесла заработи 360 милиони долари од продажба на овие кредити.
Според Блумберг она на што Маск најмногу успева да собере инвестиции дури и кога не испорачува резултати е што најголемиот дел од неговото богатство е врзан со работите што ги ветува, па инвеститорите се подготвени да го поддржат, „нема ниту еден друг ЦЕО во Америка што презема толкави финансиски ризици за нивната компанија.“
„Тоа е поентата околу Тесла за која се согласуваат и верниците и скептиците: ниту еден друг ЦЕО на јавна компанија не презема ризик како Маск,“ објаснуваат од Блумберг.