Што тоа се случи со ПејПал?

Во 1998-ма година, оваа моќна платформа за финансиски трансакции беше создадена за да им се даде моќ и независност на индивидуалци ширум светот. Денес, на чудење на нејзините основачи, се повеќе заликува на кинескиот модел во кој апсолутно сè е поврзано со државата.

Во последно време, луѓе добиваат збунувачки пораки од ПејПал, во кои просто им се кажува: „Веќе нема да може да работите со ПејПел“. Во мејлот не им се објаснува многу, само дека „вашиот бизнис модел ни се чини ризичен“. 

Меѓу нив има бројни претприемачи, писатели, интелектуалци, активисти, истите оние на кои ПејПал и неговата мисија за „демократизирање на финансиските услуги“ требаше да им даде моќ и независност. 

Не само што им се кинат акаунтите, туку и во случај да имаат средства на нив, ПејПал им ги држи замрзнати 180 дена, по што им ветува дека ќе им прати мејл за да им објасни како да стигнат до своите пари. Не се знае за колкав број на луѓе се работи. Групи за граѓански слободи уште лани летото им пишаа да се отворат за темава.

ПејПал досега нема ни зуцнато. 

Луѓето кои го основаа ПејПал - Питер Тил, Илон Макс, Дејвид Сакс, Макс Левчин - сите гласни поборници за слобода на говорот, се шокирани од тоа што се случува во компанијата што ја создале. 

„Ако електронски ти ги замрзнат парите, тоа значи дека економски ќе те уништат, а со тоа и ќе го замолчат твојот политички глас. Има тука нешто што мириса многу тоталитарно“, ѝ пишал Тил на Рупа Субраманја, која тоа го пренесува на Фри Прес.

Кога го пласираа ПејПел, во декември 1998-ма, основачите веруваа дека ќе ги поврзат луѓето во глобална економија, заобиколувајќи ги мрсните банкарски маржи, или пак инфлаторните политики на неспособни и шкарт влади. 

„ПејПел на луѓето во светот ќе им даде поголема директна контрола врз нивните пари отколку кога било досега“, има кажано Тил своевремено на еден компаниски состанок. „Ќе биде речиси невозможно корумпирани власти да крадат од луѓето како што досега навикнале“. 

Оттогаш, ПејПал има привлечено 429 милиони активни сметки. 58% од Американците го користат, а во 2021-ва, биле остварени 19.3 милијарди ПејПел трансакции. Денес пазарната вредност му изнесува 84 милијарди долари. 

„Но, компанијата што требаше да ослободи, во меѓувреме се има претворено во нешто друго“, пишува Субраманја.

Сè повеќе станува полицаец кој решава што е исправно а што не, кој треба да биде слушнат, а кој замолчен. Ги вади надвор од игра оние луѓе и брендови кои излегле од границите на „прифатливиот дискурс“. Зад тоа стои идеологија која не е докрај дефинирана, но некои фиксови се јасни: раси/џендери се добри, карантини се оправдани, а војната во Украина е благородна. 

Промената на каузата на ПејПел се нема сменето преку ноќ.

Првото затегање беше по 11-ти септември и донесувањето на Патриотскиот акт. Па во 2002-ра беше купен од Ибеј, кога се забрани спортско обложување. Следното кршење на кичмата беше во декември 2010-та со Викиликс, кога под притисок на американските власти, ПејПал ја суспендираше сметката на групата која објави милиони реални информации за валканоста на политиката. 

Сепак, вистинскиот размер на проблемот стана јасен дури со ковидот, БЛМ демонстрациите и претседателските избори во САД. Приказната сè повеќе заличува на кинескиот модел, во кој секој сервис е поврзан со државата. 

„Ако си камионџија во Отава на почетокот од 2022, или си против дефундирање на полицијата, или си против тоа на твоето шест годишно дете да му се наметнува критичката расна теорија, или не ти е баш драго ако го носат да гледа драг-шоуа... тогаш си дел од сомнителните“, пишува Субраманја. 

Му пишала на Илон Макс:

„Дали купувањето на Твитер е обид да ја исполните мисијата која ПејПал се чини дека ја напушти?“

Не очекувала одговор. Само еден час подоцна, Маск ѝ одговорил: 

„Дефинитивно!“

15 декември 2022 - 12:16