Целата ситуација со Маск и Твитер стана многу пазарџиска и ни најмалку не наликува на корпоративно педантните зделки за кои се дознава само крајниот исход.
Како и да е, Твитер го даде Маск на суд (во Делавер), и според американските закони судот има алатки кои може да ги употреби, во хипотетичката ситуација замислена од Блумберг, за да го присили Маск да ги спроведе неговите одлуки во случај да изгуби.
Меѓу мерките што би можеле да дојдат од американскиот суд е „епска глоба за Маск“, назначување на лица што ќе го комплетираат договорот, па дури и да дозволи запленување на неговиот имот.
Адвокатите на Твитер тврдат дека ќе им требаат само 4 дена за да докажат дека Маск треба да биде присилен да го испочитува договорот и да плати по 54,20 долари по акција. Доколку судот навистина пресуди во корист на Твитер, а Маск одбие да плати, тогаш судот може да го казнува Маск на дневно ниво.
„Судија би можел да го казни за непочитување на судот и да му одреди дневна казна додека не ја испочитува пресудата,“ објаснува професорот по право од Бостон колеџ, Брајан Квин, според кого заради обемот на богатството на Маск тоа би била спектакуларна сума.
Иако се работи за невообичаено сценарио, кое според Блумберг се нема претходно случено и не е многу веројатно да се случи, судот има опција да му дозволи на Твитер да почне со заплена на имотот на Маск, главно неговите акции во Тесла.
„Во сите сојузни држави, сите судови имаат процедури преку кои победникот во постапката може да ја спроведе пресудата со тоа што ќе оди по имотот на поразениот,“ објаснува Роберт Милер од Правниот колеџ од Ајова.
Без разлика на сумата, потенцијалното одбивање е исто како да не платиш кој било друг долг. Со тоа што разликата е дека запленувањето на акции на Тесла за наплата на долг ќе биде „долг и мачен пат“.
Судот во Делавер, одбран затоа што Тесла таму е регистрирана како корпорација, има и процедура за непочитување на судска одлука, според која судијата може да го испрати поразениот во притвор на одредено време за да размисли дали ќе продолжи со инаетот. Проблем е што е многу тешко ова да се употреби за прекршување на договор.
Но и покрај тоа малку е веројатно дека судот во Делавер би дозволил да го изгуби својот статус на водечка јурисдикција на корпоративно право (од што сојузната држава наплаќа по 5 милијарди долари во такси годишно), само затоа што Илон решил (потенцијално) да не испочитува нивна одлука.
Согласноста е дека само по оваа основа најверојатниот исход од ваквото замислено сценарио е Делавер да му одреди рекордно висока казна на Маск за непочитување на судска одлука.