Санкциите како оружје за масовно уништување

Ако економските санкции се користат како оружје во меѓународната политика со тоа лесно може да се претера и глобалната економија да се распарчи и балканизира. „Да ги истераме санкцииве кон Русија па после да седнеме да размислиме како тие во иднина да се регулираат“, се размислува на Запад. Со други зборови, да падне договор од кога ќе почне да рачунаме што е фер.

Трговските санкции кон Русија и егзодусот на мултинационалните компании од таму можеби нема да имаат инстант ефект но на подолг рок ќе доведат до полоши услови за живот, полошо здравје и повеќе смрт во таа земја.

Со економските санкции овојпат се бајпасираше непостоечкиот меѓународен менаџмент и неефикасноста на институциите како што е ООН, бидејќи Советот по дефиниција е немоќен да донесе каква било одлука против некоја од петте постојани членки.

Но, новооткриената моќ на масовните санкциите носи големи ризици и на поединечни примери и на глобалната економија. Не е тешко да се замисли некој ден да се воведат жестоки санкции кон некоја држава затоа што не исполнила некоја ставка од климатскиот договор.

„Кога ќе се разуздаат, и санкциите се оружје за масовно уништување. Тие не рушат згради и мостови но уништуваат фирми, финансиски институции, човечки егзистенции па дури и човечки животи. Како и военото хемиско оружје, и тие се неселективни, удираат и по виновните и по невините. Ако се користат прешироко, тие ќе го преобратат процесот на глобализација,“ предупредува Рагурам Раџан, професор по финансии на Чикашката бизнис школа.

Државите тешко ќе се откажат од моќта на воведувањето економски санкции, како што САД уште држат санкции за Куба иако во светов постојат многу бетер режими кои не само што не се казнети со санкции туку Вашингтон ги смета за стратешки пријатели и сојузници. Неодамна Кина наметна трговски санкции за Австралија само затоа што овие запнаа за меѓународна истрага за потеклото на ковид-19.

Прешироко користење санкции ќе доведе до подефанзивно однесување. После акцијата против руската централна банка, Индија и Кина ќе размислат колку пари ќе држат надвор, ако толку лесно може да им бидат замрзнати. Сè почесто ќе се размислува и за алтернативи на меѓународниот СВИФТ протокол за финансиски трансакции што ќе доведе до фрагментираност на глобалниот платежен систем а и приватни фирми ќе се колебаат да започнуваат бизнис во земји кои не делат исти политички вредности.

Прфесорот вели дека мора да постои градација во санкциите, бидејќи доколку се неселективни, и либералите од средната класа и реформаторите во таргетираната земја ќе ги претворат во гневни националисти.

„Треба да се разговара за „контрола на економското оружје.“ Големите држави нема лесно да прифатат ограничувања но треба да се свесни дека балканизирана глобална економија и нив ќе ги погоди“, вели Раџан.

Се разбира, сето тоа откако Русија ќе биде казнета со економското оружје за масовно уништување.

 

 

 

18 март 2022 - 12:29