САД му плаќаат милијарда долари на „Тотал“ за да НЕ гради ветерници

Администрацијата на Трамп ќе му плати на „ТоталЕнерџис“ речиси 1 милијарда долари за да се откаже од проектот за изградба на огромни ветерни фарми на море покрај бреговите на Њујорк и Северна Каролина. За возврат, францускиот гигант се обврзува ќе ги пренасочи своите инвестиции во проекти за нафта и гас во Тексас и во Мексиканскиот Залив.

Согласно сложениот и невообичаен договор, федералните власти ќе му вратат на Тотал 928 милиони долари, колку што енергетската компанија ѝ плати на претходната администрација на Џо Бајден за изградба и право на користење на два големи комплекси со ветерници на море покрај источниот брег на САД.

Поголемата од двете фарми требаше кај Џонс Бич во Њујорк требаше да произведува електрична енергија за напојување на повеќе од еден 1 милион домови и бизниси во Њујорк и Њу Џерси. Помалиот проект јужно од островот Балд Хед требаше да ги задоволи потребите за струја на околу 300.000 домови и бизниси во Северна Каролина. 

Во замена, „ТоталЕнерџис“ ќе ги реинвестира тие пари во комплекс за производство на течен природен гас во Тексас наменет за извоз во Европа. Исто така, се обврзува да произведува повеќе нафта во своите капацитети во Мексиканскиот Залив и ќе развива нови електрани на гас, за да ја задоволи проектираната побарувачка од огромните центри за податоци.

Официјално заврши ерата во која даночните обврзници субвенционираат несигурна, недостапна и небезбедна енергија. Почнува ера на прифатлива, сигурна и безбедна енергија, изјави секретарот за внатрешни работи Даг Бургум.

Патрик Пујане, директорот на Тотал го оцени договорот како „прагматична деловна одлука“.

Кога администрацијата на Трамп дојде на власт и почна да ја поставува енергетската политика, ги преиспитавме проектите за ветерници на море. Заклучивме дека ветерниците не се најприфатливиот начин за производство на струја и дека не можат да бидат ефикасни без владини субвенции, од кои администрацијата на претседателот Трамп сака да се ослободи, изјави Пујане.

Тој додаде дека неговата компанија ќе продолжи да инвестира во соларни централи и ветерници на копно и во производство на батерии.

Во САД, сепак, ветерниците на море за нас се премногу скапи, изјави директорот.

24 март 2026 - 16:35