Русија се накрцкала со милијарди долари и евра во кеш

Од мрт 2022 година, кога ЕУ и САД воведоа финансиски санкции кон Русија, Москва успеала да набави најмалку 2,3 милијарди долари и евра во готовина, покажуваат царински податоци до кои дошол Ројтерс. Огромна набавка на кеш на вредните западни валути била изведена во месеците пред да почне инвазијата.

ЕУ и САД забранија извоз на свои валути во Русија. Тоа значи дека банките и финансиските институции во овие земји не смеат да праќаат готовина во Русија.

Но, готовина обилно стигнувала од земји како Обединетите Арапски Емирати, Турција и други кои не воведоа санкции кон Русија. Сепак, на повеќе од половината од износите не им се знае потеклото.

Американската влада во декември се закани со казни на финансиски институции кои ѝ помагаат на Русија да ги заобиколи санкциите а дополнителни мерки против фирми од трети земји беа воведени во текот на 2023 и 2024 година.

Последните, досега необјавени податоци укажуваат на способноста на Русија да ги бајпасира меѓународните санкции, обезбедувајќи континуитет во користењето на западните валути, наспроти сè постегнатите санкции. 

Документите покажуваат пораст на приливот на кеш непосредно пред инвазијата. Меѓу ноември 2021 и февруари 2022 година, во Русија влегле 18,9 милијарди во долари и евра, во споредба со само 17 милиони долари во претходните четири месеци.

Истовремено, руската централна банка го ограничуваше подигнувањето готовина во странски валути па меѓу февруари 2022 година и крајот на 2023 година, од Русија излегле само 98 милиони долари и евра.

 

13 август 2024 - 16:29