Porschewagen

За 4,6 милијарди евра Фолксваген ќе ги купи преостанатите 50,1% од акциите на Порше. Со ова ќе се заврши и 7-годишната борба меѓу двете најмоќни семејства во Германија.

Фолксваген го купи Порше речиси две години пред планираното, откако претходно за тоа доби дозвола од даночните власти на Германија. Со ова, Порше стана 12-от бренд во "гаражата" во Волфсбург.

Од страна на аналитичарите, Порше прилично лошо минал во целата трансакција.

"Ова е доста добар потег за Фолксваген бидејќи добија 50% од компанија, што во своите книги ја проценуваат на 26 милијарди евра, за само 4,6 милијарди. Да бев јас акционер на Порше, ќе се чувствував измамено," објаснува аналитичарот на Кредит Свис, Ерик Хаусер.

Фолксваген ќе ја плати договорената цена, плус ќе префрли една своја акција на Порше, што ќе дозволи целата трансакција да се класификува како спојување на компаниите, наместо како преземање. Со ова Фолксваген ќе избегне плаќање данок од речиси 1 милијарда евра.

Сега за целата зделка, тие ќе платат некаде над 100 милиони евра за данок на трансакција.

Инаку, целиот договор за спојување на компаниите започна во 2009-та, откако Порше заглави во долгови од над 10 милијарди евра по нивниот неуспешен обид тие да го купат токму Фолксваген.

Претходно во 2005-та Порше започна со својот обид да го купи Фолксваген, што направи раздор меѓу сопствениците (инаку роднини). Фердинанд Пијех, претседателот на Фолксваген, го измами својот роднина Волфган Порше и со тоа го спречи неговиот план за преземање на Фолксваген. По ова, долговите на Порше почнаа да се натрупуваат, за во 2009-та да капитулираат пред Фолксваген.

Во Април, токму на барање на Пијех, Фолксваген го купи Дукати, со што се оствари неговата визија за компанија која произведува се од мотори на две тркала до 50-тонски камиони.

Спојувањето на двете компании треба да помогне во планот на Фолксваген да ги мине Џенерал Моторс и Тојота, и до 2018-та да стане најголемиот производител на автомобили во светот.

Брендови што ги поседува Фолксваген:

- Ауди, Бентли, Бугати, Ламборџини, Порше, Дукати, Сеат, Сузуки, Шкода, Фолксваген, Сканија, МАН.

7 јули 2012 - 13:11