Паричката од 1.000 милијарди долари

Целиот проблем со зголемувањето на националниот долг на САД (за кој Обама секоја година мора да се бутка на рака) би се решил доколку се направи една паричка од платина вредна 1.000 милијарди долари. Барем така сметаат економистите.

Според Џо Визентал од Бизнис Инсајдер (кој доби поддршка од Пол Кругман од Њујорк Тајмс и Џош Баро од Блумберг) целата работа стои вака:

"Иако Државната благајна не може од воздух да создаде пари за да си ги плати сметките, постои една техникалија во законот според која Државната благајна има посебно право да креира парички од платина со која сака деноминација. И идејата е дека Тим Гејтнер (првиот човек на Државната благајна) може да ја направи паричката, да отиде до Федералните резерви и да ја стави паричката на сметката на благајната."

Проблемот на САД е што секоја година администрацијата мора дополнително да се задолжува (да ја крева границата на задолженост) за да може да ги исплати сметките кои и стигаат секој први (плати, режиски трошоци, камати...).

Во основа идејата е дека откако ќе се вложи таа паричка на сметката на државната благајна, повеќе нема да мора да се грижи за кревање на границата и со тоа би се избегнале дебатите за пари. Плус на сето ова, паричката нема да им пречи на економијата и на доларот.

4 јануари 2013 - 17:02