Нетфликс во еден ден има повеќе гледачи од ЕплТВ+ во цел месец

Со додавање на осум милиони гледачи само во последниот квартал, Нетфликс сега има 277,7 милиони претплатници и стига до над 600 милиони луѓе низ светот. ЕплТВ+ не е баш таму.

Кварталниот профит на Нетфликс е пораснат за 44% во споредба со 2023, и за некои си седум пати во споредба со 2019.

Со вакви бројки и позиција планот на Нетфликс е малку да го стегне трошењето, но не како целокупен буџет, туку како сума и премии кои им се плаќаат на продукциите. Од Нетфликс објаснуваат дека и во иднина ќе го зголемуваат буџетот и ќе има проекти кои компанијата ги преплатила.

Слично расположение има зафатено се повеќе стриминг сервиси и директни конкуренти на Нетфликс кои го намалуваат инвестирањето и буџетите, за да ги намалат своите загуби. Процената на Нетфликс е дека нивната конкуренција „иако многу инвестира во содржини, тие за возврат добиваат релативно мала публика.“ Се работи за компании како Дизни, Ворнер брос, Амазон и Епл кои имаат неограничени ресурси.

Епл откако потроши над 20 милијарди долари на снимање оригинални содржини кои не многу луѓе ги гледаат, одлучи да ја рафинира својата стратегија во Холивуд, односно да намали буџети и дополнително да го контролира трошењето. Иако не дава пари на бројни проекти, Епл дава пари на скапи поединечни проекти. Пример има потрошено над 500 милиони долари на филмови од Мартин Скорсезе, Ридли Скот и Метју Вон, а само минисеријата Господари на облаците, ги чини 250 милиони долари.

„Епл троши милијарди долари годишно на оригинални содржини кои добија силни рецензии и голем број номинации. Меѓутоа неговиот стриминг сервис привлекува само 0,2% од целата ТВ публика во САД. ЕплТВ+ генерира помалку публика во еден месец отколку Нетфликс во еден ден,“ пишува Блумберг.

Она што го вади ЕплТВ+ е дека Епл му чува грб, па и медиуми и инвеститори не ги сфаќаат овие загуби многу сериозно, и ним поважно им е дали и колку Ајфони продава компанијата, отколку колку пари троши и заработува од сериите и филмовите.

25 јули 2024 - 11:00