Некому пандемија, а некому - пандемија

Затоа се вика пандемија, зашто важи за сите и никој не е исклучен од неа. Со една мала финеса. Сиромашните имаа ужасна пандемија а богатите - одлична! Економското насилство што се случува и вакво прераспоредување на богатството се без преседан во досегашната историја. 

Дека милијардерите имаа одлична пандемија а сиромашните не баш, се двете главни поенти на новиот извештај на британската организација Оксфам која се занимава со теми на нееднаквоста.

Има и трета:

„Јазот на нееднаквоста кој денес е поголем од кога било порано, не само што е нефер туку води кон смрт - од глад, недостаток на медицинска грижа, климатски катастрофи, родово базирано насилство засилено од финансиски притисоци,“ се наведува во извештајот „Нееднаквоста убива“.

За да ги опишат последиците на растечката нееднаквост, експертите почнаа да го користат теминот „економско насилство“ кое досега во академските кругови е употребуваше само за насилно одземање или оштетување нечиј имот и финансиска состојба. 

За да се разберат тезите на Оксфам, доволно е да се погледнат податоците од Светската банка или од Форбсовата листа на најбогати луѓе.

За време на пандемијата, десетте најбогати луѓе на светов го дуплираа своето богатство, од 700 милијарди на 1,5 трилиони долари. Само Илон Маск укнижи 1.000% раст на своето богатство: пред пандемијата тежеше 26 милијарди а веќе во ноември 2021 - 294 милијарди долари.

Истовремено, 99% од светот доживеа пад на своите приходи а 160 милиони луѓе беа потиснати под границата на сиромаштија за време на пандемијата.

Како тоа се случи? Кога владите инјектираат трилиони долари во нивните економии за да се спречи глобална рецесија, се случува бум на берзите а растат вредностите и на други поседи на богатите, на пример домовите. Иако владините интервенции во економиите имаа и социјални аспекти за заштита на луѓето, во многу случаи помошта за корпорациите далеку ја надмина помошта за работниците а добиените пари не беа користени за зачувување или создавање нови работни места туку само за зголемување на профитот.

Луѓето од Оксфам проценуваат дека доколку светов би бил пофер во распределбата на богатството, секој ден на планетава би умирале 21.000 луѓе помалку од сега.

10 февруари 2022 - 10:37