ММФ: Само богатите имаат ќар од парите на богатите

Извештај изработен од 5 економисти на ММФ ја отфрла идејата за "економија на прелевање," односно дека целото општество има корист од богатењето на најбогатите, и препорачува дека ако владите сакаат да ја зголемат стапката на раст треба да инвестираат во најсиромашните 20% од граѓаните.

"Зголемувањето на уделот на приходите на сиромашните, и спречување на исчезнувањето на средната класа, всушност е добро за растот," се порачува во извештајот.

Во студијата се тврди дека има се повеќе докази кои покажуваат дека растечкото влијание на богатите и стагнираните приходи на сиромашните и на средната класа доведоа до финансиски кризи, наштетувајќи му и на краткорочниот и на долгорочниот раст.

"Студиите покажуваат дека пролонгиран период со повисока нееднаквост во напредните економии е поврзан со глобалните финансиски кризи преку интензивирање на влијанието, продолжување на кредитите, опуштање на стандардите за отпишување на хипотеката, дозволувајќи им на лобистите да притискаат за финансиска дерегулација," пишува во истражувањето.

Нивното предупредување е дека нееднаквоста доведува до политики кои можат да му наштетат на растот, и "да доведат до бунт против економската либерализација насочена кон подобрување на растот."

"Во исто време зголемената моќ на елитите може да резултира во поограничено обезбедување на јавни добра кои ја зголемуваат продуктивноста и растот, и кои носат непропорционално повеќе корист за сиромашните."

Во препораките се повикува на дополнителни инвестиции во здравство и образовни политики кои би ја намалиле сиромаштијата, како и попрогресивно оданочување.

16 јуни 2015 - 16:42