Процената на експертите за цени на лекови од Харвард е дека производството на истата оваа терапија го чини Мерк неполни 17,8 долари.
Неколку месеци пред да бидат објавени резултатите од тестирањето на молнупиравир, во јуни американска влада потпиша договор со Мерк од 1,2 милијарди долари за купување на 1,7 милиони целосни терапии од лекот (5 дена), по цена од 712 долари по терапија.
Овие милијарда и кусур милиони долари ќе му легнат на сметка на Мерк во моментот кога Агенцијата за храна и лекови ќе ја издаде авторизацијата за итна употреба на молнупиравир.
Галамата околу молнупиравир е затоа што има речиси иста успешност како и моноклоналната терапија, а може да се зема орално како апче наместо преку вена.
Молнупиравир е лек кој првично е истражуван како можен третман за Венецуелско коњско воспаление на мозокот, кое се пренесува со помош на комарци. Лекот е производ на Емори Универзитетот, од каде Риџбек биотерапјутикс во 2020 го лиценцира (го купува) и потоа глобалните авторски права за него ги продава на Мерк.
Меѓутоа додека научниците од Емори Универзитетот работат на лекот тие, во периодот 2013-2015, добиваат над 10 милиони долари финансирање американското министерство за одбрана (од Агенцијата за намалување на одбранбени закани).
Подоцна Националниот институт за алергија и заразни болести, на Емори му испорачува уште 19 милиони долари во дополнителни грантови.
И покрај ваквата финансиска структура на лекот, само Мерк и Риџбек ќе го соберат профитот од молнупиравир, кој се очекува дека до крајот на годината ќе има продажба во износ од 7 милијарди долари.
Едната страна на судирот околу цената е дека САД сепак обезбедиле 29 милиони долари за развојот на молнупиравир, без кои Емори Универзитетот може никогаш немало да дојде до лекот, и заради тоа американската јавност треба да го добие по поевтина цена. Другата страна е аргументот на Риџбек дека тие, откако го купиле производот од Емори Универзитетот, побарале државно финансирање меѓутоа никогаш не го добиле, заради што, технички во нивната математика никаде нема буџетски пари.
Во меѓувреме Мерк го има лиценцирано лекот на пет индиски компании кои ќе произведуваат негова генеричка верзија за продажба низ светот. Цената на генеричката верзија на лекот се очекува да биде 12 долари за 5-дневна терапија.
И покрај индиската цена, се очекува дека во САД и другите богати држави цената ќе биде одредена од пазарот.