Лиз Трус погубна за британските берзи

Вредноста на акциите и обврзниците на британските берзи вкупно се во минус од најмалку 500 милијарди долари откако Лиз Трус стана премиерка на Британија, додека фунтата дојде на чекор од историско изедначување со вредноста на доларот.

Во одбрана на Трус, таа доаѓа на власт во време кога британската економија е пред очигледна рецесија, наследена од нејзиниот претходник, плус сите глобални кризи. Нејзиниот дел од кривицата се однесува на фискалните политики што ги најави, главно големите даночни олеснувања за најбогатите. Ова го зголеми стравот од инфлација и рецесија, што пак доведе до масовна распродажба на најразлични хартии од вредност што ја собори фунтата на рекордно ниско ниво и ја стави Централната банка на готовс да интервенира на пазарот.

„Довербата во Британија е под удар од купот грижи околу економскиот исход и правецот кој го зазеде администрацијата на Трус.

Само вртење од 180 степени во политиките за кратење и трошење ќе може значително да го врати оптимизмот, меѓутоа администрацијата не изгледа како да има намера да попушти,“ објаснуваат аналитичарите од Хагривс Лансдаун.

ФТСЕ 350 индексот (составен од извозно ориентираните ФТСЕ 100 и домашно ориентираните ФТСЕ 250) до сега е во загуба од над 300 милијарди долари во споредба со 5 септември годинава, кога Трус беше избрана за претседателка на Конзервативната партија.

Во овој период вредноста на пазарот на британски државни обврзници падна за уште 173 милијарди долари.

Во понеделникот фунтата падна на најниско ниво во однос на доларот во последните 40 години и во еден момент 1 фунта вредеше 1,0327 долари. Во јануари годинава фунтата се продаваше за 1,38 долари.

 

****

28 септември 2022 - 11:08