На фронтот што сега и се отвори, Украина ќе треба да војува, само овој пат на телефон и Зум состаноци, со финансиски институции како американските Блек рок и Голијат, и францускиот Амунди, фондови кои заедно управуваат со имот од стотици милијарди долари.
За сега и двете страни се согласуваат дека Украина не треба да ги исплати целосно доспеаните трошоци, меѓутоа финансиерите очекуваат дека пари сепак треба да почне да се плаќаат.
Во јуни Украина и финансиерите имаа 12-дневни преговори околу долгот, кои на крај пропаднаа затоа што и двете страни ја обвинуваа спротивната дека имала нереалистични очекувања. На Киев на 1 август му истекува 2-годишниот мораториум што земјата го доби по почетокот на руската инвазија.
Украинскиот министер за економија објаснува дека индустријата на земјата покажала значителна отпорност на руската инвазија, но сепак Украина има проблем со финансискиот баланс и дека навременото преструктуирање на долгот „е критичен дел од поддршката од партнерите“.
Од друга страна, од комитетот кој ги претставува сопствениците на украински обврзници изјавуваат дека тие се „посветени на работење со Украина на структурирање на трансакција која може да ја привлече неопходната поддршка од учесниците на пазарот.“ Тие предупредуваат дека предложеното кратење од Киев е „значително претерување во однос на очекувањата на пазарот.“
Украина им должи вкупно 20 милијарди долари на меѓународните сопственици на нивни обврзници, кога на ова ќе се додадат и каматите, сумата стигнува до 24 милијарди долари.
Во преговорите украинската страна е советувана од париската канцеларија на Ротшилд, а сопствениците на обврзници од лондонските банкари од ПЈТ партнерс.
Киев ги притиска финансиерите да се откажат од 60% од долгот кон нив, што според нив е неопходно за да се порази Кремљ и да се обнови земјата по крајот на војната, порачувајќи дека таков договор е и во корист на Западот.
Официјалните кредитори на Украина, како САД, ММФ и Парискиот клуб, претходно им порачаа сопствениците на обврзници дека до 2027 треба да добиваат само „симболични“ исплати.
Комитетот пак се жали дека бил шокиран од понудата на Киев и ја предупредува Украина дека понудените суми се далеку под очекувањата на пазарот и дека со тоа ризикуваат суштински да им наштетат на идните инвеститори во Украина.
Нивниот контра-предлог, на 60-те проценти од Украина, е 22% попуст на долгот.
Без преструктуирање на долгот, Украина во следните четири години ќе треба да исплати 13,4 милијарди долари за обврзници.