Ковид за некои е 19 а за некои (блек џек) 21

Не сите страдаат затоа што светот е затворен (кога ќе ви кажат дека "во оваа битка сите сме заедно“, потсетете ги кој успеа да си ги подигне парите пред да пропадне банката на Трифун). Да, економиите се зипуваат, милиони луѓе остануваат без работа, на минималец и со неизвесна иднина, ама затоа на оној мал процент, најмрсните од најмрсните, ковид-19 им дојде како џокер.

Според милијардерскиот индекс на Блумберг, во овие 8 месеци од 2020 година, основачот на Бил Гејтс го зголемил богатството за 8 милијарди долари (да не сме чуле кукање дека нема пари да нè чипира!) и сега вреди 122 милијарди. Закерберг денес тежи 102 милијарди долари, 23 милијарди повеќе од почетокот на годинава а најталичен е Џеф Безос од Амазон кој додаде дури 76 милијарди долари и сега тежи 189 милијарди, со проценка дека до 2026 година ќе биде првиот човек кој ќе има илјада милијарди. Да потсетиме, некаде во јули, само во еден ден Безос на конто додаде 13 милијарди и неговото богатство се зголемува толку брзо што додека ја прочитате оваа статија, цифрите за него ќе бидат непрецизни, и тоа во милиони долари.

Но, не се работи само за дузина извикани ликови за кои веруваме дека се збогатиле само затоа што профилот на нивните бизниси одговарал на потребите на еден свет под катанец. Во игра е и системско прелевање и прераспоредување на богатството, одиграно преку пандемискиот интервенционизам на државите, завиткан во паролата „ја спасуваме економијата“.

Изгледа дека на пазарот баш и не е таков хаос на кој не можеш да му го фатиш крајот. Швајцарската банка УБС соопшти дека 77% од најбогатите семејства на светот кои имаат барем 1,6 милијарди долари, во такви услови, со своите пари одиграле на ниво или над проектираните таргети.

Во март и април во САД имаше 22 дена во кои 22 милиони Американци останаа без работа. Во истите тие три недели, богатството на американските милијардери било зголемено за 282 милијарди долари. Слично е и во Британија каде кризата го зголемила богатството на најбогатите за околу 20%.

Рајата секаде ќе добие нешто ситно за да има чувство дека мерките се донесени за нив, но, приказната е побрутална. Вистина е дека огромниот корона пакет на американската влада содржи минимална помош за индивидуи но истовремено и 454 милијарди долари за големите бизниси. Со еден мал амандман дополнително се воведоа огромни даночни олеснувања; 80% од бенефитите на тие олеснувања ќе одат кај оние кои имаат над еден милион долари.

„Сите сме заедно во оваа битка,“ ќе ви кажат, веројатно малку разочарани што не го покажувате очекуваното заедништво. Некој се изнамачил да купи стан со спасени пари од банка пред пропаѓање, а вам ви е тешко и да честитате.

25 август 2020 - 11:43