За луѓето навлезени во криптовалутите, функционирањето на криптопазарите и општо финансискиот систем во САД, целосно е нејасно како воопшто функционирала компанијата и успевала толку време да ја одржи измамата без да потоне.
Мајкл Сејлор е еден од тешкашите во оваа сфера, посебно кај биткоин, и под негово водство Микростратеџи станува компанија со најголем број на биткоини во светот, вкупно 130.000.
За Сејлор, првичниот и очигледен грев на СБФ е што пушта (и промовира) во оптек хартија од вредност која не е регистрирана во американскиот СЕК (Комисија за хартии од вредност и берзи).
И ова само по себе и не е толку страшно, бидејќи најголемиот дел од криптовалутите, се нерегистрирани хартии од вредност.
„Подлиот пресврт во приказната за ФТХ што никој од нас не го виде, е што тој издаде токен со вредност од 8 милијарди долари, и потоа тој на себе си издаде таен токен што го заведе дека има вредност од уште 8 милијарди долари, и по таа основа тврдеше дека има залог од 16 милијарди долари. Потоа отиде да бара банка која ќе му даде заем на овој залог од 16 милијарди долари.
Ако земам милијарда долари во акции на Епл и отидам во некоја легитимна американска банка, ЈП Морган, ГолдманСакс, тие ќе ми дадат заем во износ од 5% од дневниот обрт што овие акции го имаат на легитимна регулирана берза. Па ако имаш хартии од вредност што се тргуваат на берза во вредност од 1 милијарда долари на ден, тогаш можеби залогот ќе ти го проценам на 50 милиони долари. На овие 50 милиони залог, на 50% ЛТВ, ти ќе можеш да позајмиш 25 милиони долари, ама на секое мрднување на берзата ќе ти побарам да ми обезбедиш дополнителни средства, што во пракса значи дека 1 милијарда долари од оваа легитимна хартија од вредност ќе ти донесе заем од некои си 10 милиони долари..
Тоа е традиционалната пракса.
СБФ, знаејќи дека ниту една традиционална банка нема да му позајми пари, тој се обрати на самиот себе, бидејќи и онака управува со банка која се вика ФТХ. Аплицираше за заем од самиот себе, си одобри заем на самиот себе, и си додели заем од 10 милијарди долари...
...Во основа тој генерираше 10 милијарди долари во нерегистрирани хартии од вредност и после тајно позајми уште 10 милијарди долари од луѓето што имаа ставено пари во ФТХ, и ги стави на коцка, ги тргуваше, ги сврте и ги изгуби.
И тоа е посебно импресивно,“ објаснува Сејлор.
Во однос на тоа како воопшто ги собрал првите инвестиции од најголемите инвестициски фондови, кои се луѓе што сериозно си ја знаат работата и си ги пазат парите, Сејлор има мини-презентација:
„Има три групи на кои им беа собрани милијарди долари. Ризичните фондови, ставија две милијарди долари во офшор берза, која од самиот почеток беше неетичка и нелегална... Овие ризични фондови во основа поддржуваат офшор казино кое работи нетранспарентно. Тие не побараа место на бордот, не ги направија неопходните проверки, туку само бркаа она што мислеа дека ќе биде лудачки голем ќар. ФТХ сепак покажуваше дека нивниот приход од 50 милиони долари скокнал на 500 милиони долари па на 1 милијарда долари, и тие мислеа дека тоа е следната голема работа...
...Следните 4 милијарди долари што ги добива СБФ се само заеми што му ги дава крипто-индустријата. Мислам Алмеида (сестринската компанија на ФТХ) позајми милијарди долари од Џенесис, Војаџер, Целзиус, Блокфај... Почнуваш со измислицата дека ФТТ (токенот на ФТХ) е стварна работа. Јас креирам на пример јо-јо токен и ја манипулирам цената до 10 милијарди долари со тргување на 2% од разликата во цена, и ти мислиш дека тоа е стварна работа, а јас се однесувам како тоа да е стварна работа, па јас го ставам како залог, а ти ми даваш работи со вистинска вредност за нешто создадено од воздух. Е по таа основа тие внесоа 4 милијарди долари и изгубија половина од нив, и тоа беше дел од причината што Војаџер и Блокфај банкротираа. А причината зошто СБФ сакаше да ги спаси нив е затоа што не сакаше некој друг да ги активира позајмиците што тие му ги дадоа. Тој се обидуваше да ги купи двете со акции на ФТХ, кои секако се лажни и не вредат ништо, но ако сум позајмил 1 милијарда долари од компанија и тие си ги бараат парите назад, а јас можам едноставно да им дадам 1 милијарда во акции и да им ја преземам компанијата и да не го вратам заемот, тогаш ќе можам да продолжам со измамата.
Третата група се корисниците на ФТХ берзата кои ги собира преку пониски надоместоци за тргување отколку што имаат Коинбејз и Бинанс. Така ниските цени се затоа што тој воопшто не ни планира да заработува од надоместокот за тргување, туку само сака да собере што е можно повеќе корисници и нивните криптовалути на својата платформа (берза). Затоа што кога ќе ги има овие средства на својата платформа, тој во основа го користи ФТХ како сопствена касичка за пари.“
Веројатно нешто поразбирлива и преџвакана верзија на целата измама има Џон Стујарт (плус, нус-појава на видеото е што ќе дознаете и за измамата на Ливеркинг):
Подетално објаснување имате од Лекс Фридман и Кофизила: