Ова беше одличен резултат за западните стратези, меѓутоа, за сега, се покажа за краткотраен. Од тогаш вредноста на рубљата е вратена речиси на пред-воениот курс во однос на доларот, а индексот на руската берза врати голем дел од загубите.
Во меѓувреме руската влада и најголемиот дел од компаниите продолжуваат со исплаќање на своите обврзници.
Една од поважните победи за Русија е што напливот на повлекување пари од руските банки исто така заврши (по извадени речиси 31 милијарда долари), а Русите веќе почнаа и да ги враќаат парите на сметка.
Русија ова делумно го постигнува со мерки од учебник, па ги крева каматните стапки од 9,5 на 20% за да ги поттикне Русите да ги чуваат парите во банка.
Меѓутоа има и нестандардни мерки, како владиниот декрет за сите извозници дека мораат 80% од сите свои приходи од странство да ги претворат во рубљи, тргувањето на московската берза беше паузирано, не-резидентите не смееа да продаваат акции до 1-ви април, а тргувањето на краток рок беше забрането.
На пазар и во маркет, и покрај повлекувањето на голем број странски компании, потрошувачките цените се зголемени за нешто повеќе од 5% од почетокот на март, а процената на Економист е дека има малку докази дека ќе се случи некој поголем удар на економската активност.
Според процена базирана на бројките од ОЕЦД, рускиот БДП во последната седмица од март е за околу 5% повисок отколку во претходната година. Дел од ова се објаснува со потрошувачка на храна и бела техника од страв дека цените ќе пораснат или ќе снема производите. Од друга страна потрошувачката на услуги е падната за сосема малку и „останува далеку поздрава отколку што беше во најголемиот дел од пандемијата“.
„Русија и понатаму изгледа дека е на сигурен пат годинава да влезе во рецесија. Меѓутоа дали таа ќе заврши толку лошо како што најголемиот дел од економистите предвидуваат - со пад на БДП-то од 10 до 15 проценти - зависи од три фактори.
Првиот е дали обичниот Русин ќе почне да стравува заради економијата како што војната трае и да ја намали потрошувачката, како што тоа се случи во 2014 кога Русија изврши инвазија на Крим.
Второ, дали производството со тек на време ќе заглави затоа што компаниите повеќе не можат да увезуваат од Западот. Посебно ранлива тука е авионската индустрија, како и автомобилската. Сепак бројни големи бизниси кои почнаа со работа уште во советско време се научени да работат без увоз. Ако некоја економија би можела и да се приближи на функционирање додека е отсечена од остатокот од светот, тоа е руската.
Третиот и најважниот фактор се однесува на рускиот извоз на фосилни горива. И покрај масовниот број санкции наметнати против нејзе, Русија и понатаму месечно продава околу 10 милијарди долари нафта на странски купувачи, што е еднакво на една четвртина од извозот пред војната; приходите од продажба на гас и нафтени производи и понатаму пристигнуваат. Ова обезбедува вреден извор на странска валута која можат да ја користат за купување на потрошувачки производи и делови од неутрални или пријателски држави. Освен ако ова не се промени, руската економија може ќе издржи подолго време,“ анализира Економист.