До крајот на неделава ЛВМХ (LVMH Moët Hennessy – Louis Vuitton, корпорацијата која под себе го има Диор и уште 75 светски луксузни брендови), се очекува од сопственото производство да извади и да донира околу 12 тони гел за дезинфекција на болниците во Париз.
По успешната трансформација на фабриката за парфеми во близината на Орлеан, следна пренаменета за потребите на државата за борба против коронавирусот ќе биде фабриката на Живенши во Оас и фабриката на Герлан во близина на Шартр.
Од компанијата порачуваат дека „ЛВМХ ќе продолжи да го почитува ова ветување се додека тоа е неопходно.“
Во средата наутро Франција имаше 7.700 заразени и 175 мртви, а претседателот Макрон објави дека земјата е „во војна“.
Вака брзата трансформација се должи на инсистирањето на милијардерот и сопственик на ЛВМХ, Бернар Арно, операцијата да се заврши во најкраток можен рок, што е помогнато од фактот дека производството на козметика е многу блиско со фармација, па опремата може брзо да биде пренаменета.
Самиот гел за дезинфекција има три главни состојки - дестилирана вода, етанол и глицерин - нешто кое ЛВМХ веќе го има на залиха. Плус треба да се има предвид дека Диор, Живенши и Герлан, во овие фабрики исто така произведуваат течни сапуни и кремови за кожа. Ова се производи што имаат слична вискозност како и гелот за дезинфекција, па може да се искористат постојните машини за полнење, пластични шишиња и пумпици.
Бирократската страна на целата операција е еден од ретките примери зошто е добра соработката меѓу бизнис и политичките елити.
Генералниот секретар на ЛВМХ, Марк-Антоан Жаме, во саботата му пишува порака на Мартин Хирш, еден од високите функционери задолжен за здравствениот систем во Париз и околината, во која ја нуди помошта од својата компанија. Двајцата се колеги од постдипломски.
Хирш знае дека болниците во следниот период ќе снемаат залихи на средства за дезинфицирање и ја прифаќа помошта. Тој веднаш го испраќа својот советник во лабораториите на ЛВМХ за да провери дали нивната формула ги исполнува законските норми и насоките од СЗО. Рецептот на ЛВМХ малку излегува од овие норми, заради што мора да биде тестиран од министерството за здравство.
Тука пак се вклучува Жаме, кој лично се познава со министерот Оливие Веран од времето кога двајцата работат на новите правила против користење премногу слаби манекенки на модните ревии. Веран интервенира и примероците од ЛВМХ веднаш се тестираат.
Во 4 часот наутро во понеделникот, работниците во фабриката за парфеми на Диор се подготвени да почнат. Стартува производството на медицински средства за дезинфекција.
ЛВМХ не се единствените кои го помогнаа француското здравство:
- БНП Парибас донираше 500.000 маски на болниците во Париз.
- Рено позајми 300 возила на медицинскиот персонал.
- Лореал објави дека ќе ги пренамени фабриките што работат за Роше и Гарние да почнат да произведуваат средство за дезинфекција на раце.